Турско државјанство за архиереите на Константинополската Патријаршија
 
 
 
 
 

Турско државјанство за архиереите на Константинополската Патријаршија (07.11.2009)

Сите Митрополити на Вселенската Патријаршија, кои служат надвор од Турција, доколку сакаат ќе можат да стекнат и турско државјанство со цел да можат непречено да учествуваат во целата управна структура и живот на Патријаршијата, вклучувајќи ја и можноста да бидат кандидати за Вселенскиот Трон и да учествуваат во изборот на Вселенскиот Патријарх.

Ваквиот развој на работите го наведе самиот Вселенски Патријарх г. Вартоломеј за време на ручекот со Архиепископот г. Димитриј и архиереите на Архиепископијата на Америка, во неделата на 01. ноември.

Се забележува дека ова прашање извира неколку години наназад и го има формулирано Патријархот Вартоломеј како усно и писмено барање кон денешното политичко водство на Турција, а конкретно кон премиерот Т. Ердоган.

Прашањето беше официјализирано на 15. август оваа година, кога за прв пат по многу децении турскиот премиер се сретна со Вселенскиот Патријарх на островот Принкипос и заедно ги посетија Домот за сираци и црковните установи на тамошното грчко население.

Г. Ердоган усно го известил Вселенскиот Патријарх дека ќе го задоволи барањето и побарал да бидат испратени соодветните барања на архиереите.

Прашањето беше дискутирано во Светиот Синод и веќе се испратени писма до архиереите надвор од Турција за да ги достават до Патријаршијата својата желба и барање дека сакаат да добијат и турско државјанство.

Се потенцира дека оваа мерка важи за сите архиереи кои припаѓаат на црковниот простор на Вселенската Патријаршија.

Конкретно, важи за Архиепископот и архиереите на Архиепископијата на Америка, Митрополитите во Европа, Архиепископот и архиереите од Австралија, Архиепископот и архиереите од Англија, Митрополитите на Кореа, Хонг Конг, Канада, Јужна Америка, за Архиепископот и архиереите од Крит, како и за архиереите на Дванаесетте острови.

Не важи за Митрополитите на Новите Земји од Црквата на Грција, кои црковно и духовно припаѓаат на Вселенската Патријаршија согласно со Патријаршискиот Акт од 1928.г., но сепак учествуваат во Синодот на Црквата на Грција при што од црковен и канонски аспект не можат да учествуваат во два Синоди.

До пред неколку години само архиереи со турско државјанство имаа право да учествуваат во Светиот Синод на Патријаршијата.

Патријархот Вартоломеј тоа молкум го измени, како што и молкум турските власти ја прифатија таа измена и денес составот на Синодот се состои од шест Митрополити од Турција со турско државјанство кои служат во Синодот шест месеци и од шест Митрополити од Епархиите од странство кои служат во Синодот една година.

Според некои информации од црковни извори од Крит се наведува дека некои архиереи од тој остров веќе изразиле немир поради примената на една ваква мерка, со мисла дека постои веројатност да има реакции од народот. Од архиереите од Америка до сега ниту еден се нема произнесено.

Дури и до изборот на денешниот Патријарх Вартоломеј само турските државјани Митрополити имаа право да бидат кандидати, но и да учествуваат во изборот. Архиереите на Вселенскиот Трон надвор од Турција само го приложуваа т.н. „согласање“, што значи дека бланко им го пружаат правото на согласност и на мислење во сè што одлучиле и кого што го гласале архиереите кои се турски државјани.

Турската влада го чуваше (и сè уште го чува) правото за испишување од каталогот на непожелните за неа архиереи. При последниот избор на денешниот Патријарх Вартоломеј Турците не избришаа никого од каталогот.

Сите досегашни Патријарси, особено од последниве векови, биле обавезно турски држвјани, освен Атинагора кој беше избран за Вселенски Патријарх од местото Архиепископ на Aмерика, дојде во Константинопол со авионот на Претседателот на САД, а Tурците му го доделија турското државјанството на авионот штом стигна на Константинополскиот аеродром.

 

Извор: Ромфеа