Украинската Православна Црква смета дека одделувањето од Московската Патријаршија не е полезно
 
 
 
 
 

Украинската Православна Црква смета дека одделувањето од Московската Патријаршија не е полезно (01.12.2009)

Украинската Православна Црква ја потврди непроменливоста на својот канонски статус, утврден во уставот на Руската Православна Црква на Помесниот собор од јануари оваа година.

 

„Сметаме дека преиспитувањето на постоечкиот канонски статус на Украинската Православна Црква не би било полезно за црковниот живот. Ѝ напомнуваме на нашата паства дека Украинската Православна Црква е дел од Руската Православна Црква, која се користи со широки автономни права, дека таа е самоуправна, како што тоа е забележано во уставот на Руската Православна Црква“ – се вели во обраќањето на Синодот на УПЦ кон верните чеда на оваа Црква, донесено на неговото последно заседание во Киево-печерската лавра.

Имено, „преку Руската Православна Црква“, како што се вели во обраќањето, Украинската Православна Црква е соединета со „едната, света, соборна и апостолска Црква“. „Таа пребива во единство со Вселенското православие токму преку канонската и молитвена врска со полнотата на Руската Православна Црква“ – се вели во документот.

Притоа, Синодот на Украинската Православна Црква го смета својот досегашен статус за „оптимален од гледна точка на извршувањето на спасителната мисија во современата Украинска држава“. На ист начин и целта на планираниот дијалог на Украинската Црква со неканонските црковни групи, како што е нагласено во документот, „не е желба за канонско одделување од полнотата на Руската Црква, туку стремеж за востановување на црковно единство“.

„Дијалог – тоа не е оправдание на расколот и не е отстапка кон оние коишто денес настојуваат на него, туку форма на сведоштво за благодатната полнота на црковниот живот на канонското Православие“ – напомнува Синодот на УПЦ.

 

Извор: Двери.бг