Александрискиот Патријарх е во официјална посета на Грција
 
 
 
 
 

Александрискиот Патријарх е во официјална посета на Грција (08.12.2009)

Александрискиот Патријарх Теодор од денес е во официјална посета на Грција. Архиепископот Атински Ероним го пречека Патријархот Теодор на аеродромот, додека официјалниот прием ќе биде утре во манастирот на Петраки и во Синодската палата, каде што на Патријархот Теодор ќе му биде доделено високо одличје на Грчката Православна Црква.

За црковната информативна служба „Амен“ Александрискиот Патријарх зборуваше за мисијата на Православната Црква во Африка, за нејзините потешкотии и успеси. Според Патријархот Теодор, прва задача на Патријаршијата е организирањето на нови епископии и обезбедување кадри во постоечките. „Сите митрополити во Африка имаат многу активна мисионерска дејност, а познато е и дека Африканците се одликуваат со својата спонтаност. Откако ќе го ислушаат мисионерот, тие или се воодушевуваат, или пројавуваат незаинтересираност. Но, во секој случај ја примаат верата доброволно и свесно“, изјави Патријархот Теодор.

„На континент како што е Африка каде што гладот и сиромаштијата го следат животот на голем дел од населението, Црквата со помош на многу иницијативи го заштитува достоинството на човечкиот живот и природа, надарена од Бога со многу дарови. Духовната дејност на Црквата преку молитвата и љубовта се пројавува на многу начини – одговарајќи на духовните и егзистенцијални потреби на луѓето или исправајќи се пред проблемот на гладот и болестите. Но, важно е да не се заборава главната цел на Црквата – да им благовести на народите. Во мисиите се раздаваат облека, храна, се обезбедува медицинска помош, образование во училиштата на мисијата, сместување, професионална обука итн., но никогаш не се зема предвид религиозната припадност на луѓето. Никогаш мисионерите не го прашуваат човекот дали е православен, католик, англиканец, будист или атеист, за да му дадат хуманитарна помош – тоа е многу важно да биде разбрано.

Тука често преживувам големи моменти, навистина потресни случувања, коишто остануваат длабоко врежани во моето срце. Сфаќаш дека Христос е Оној Којшто прави сѐ, Којшто го дополнува несовршенството на нашето дело... Колку пати сум се нашол меѓу стотици новороденчиња собрани од мисионерите од буништа, каде што ги исфрлиле поради сиромаштија, и ние треба да се грижиме за нив во мислите. По цели ноќи не спиев не можејќи да се навикнам на оваа дејност... Често пати станува збор за голема несреќа којашто „современите и уредени општества“ не се во состојба да ги разберат. Радосно е тоа што доаѓаат луѓе при нас коишто се распрашуваат и сакаат да ни помогнат – како на пример свештеник којшто ќе служи извесно време при некој епископ, лекари во мисиите, мисионери, поткрепени финансиски од различни иницијативи. Навистина, во Африка има многу болка, но и многу среќа...“ рече уште Александрискиот Патријарх Теодор.

 

Известува: Дверибг.нет