Меѓуправославната подготвителна комисија работи напразно
 
 
 
 
 

Меѓуправославната подготвителна комисија работи напразно (15.12.2009)

„Може да се каже дека Меѓуправославната подготвителна комисија работи напразно“. Ова го изјави за Двери.бг професор Иван Желев Димитров, член на делегацијата на Бугарската Православна Црква за учество во меѓуправославниот експертен орган, којшто веќе неколку дена ги подготвува заедничките гледишта на помесните Православни Цркви по прашањата за автокефалијата и автономијата (и начините на нивно добивање), како и за диптисите. Три дена поминаа во доразгледување на соодветен текст во врска со автокефалијата за следната Сеправославна претсоборна конференција, којшто треба да се прифати во завршен облик и да се даде на идниот Свет Вселенски собор на Православната Црква. Станува збор за текст, којшто бил разгледуван многу подробно и жестоко уште во 1993 година, но тогаш не е постигнат споразум по ова прашање, посочи проф. Иван Желев. Поради различните конфликти меѓу помесните Православни Цркви едвај сега, после 16 години, работата може да продолжи.

Во недела, беше ден без заседание. Изутрината имаше сеправославна Света Литургија. Попладнето беше слободно. „Човек има впечаток дека никој не брза да ја заврши својата работа“, сподели делегат од соседна Црква. Митрополитот Русенски Неофит не даде изјави, но го пројави своето незадоволство дека многу тешко оди работата на подготвителната комисија.

Во Православниот центар на Цариградската Патријаршија во Шамбези, во зеленото предградие на Женева крај прекрасното езеро Леман, јасно се чувствува тензија меѓу „грчките“ и „не-грчките“ Православни Цркви. „Грците“ настојуваат да се даде на Цариградскиот Патријарх полна и врховна власт во Православната Црква, иако тоа се прикрива под привидно добри предлози. Негрчките претставници бараат да се постигне вистинска соборност во Православието, т.е. никој да не поседува поголема власт од другите. Така на крајот повторно не се дојде до согласност по прашањето: кој го потпишува актот за давање автокефалност на една Црква (едните настојуваат тоа да го прави само Цариградскиот Патријарх, а другите – сите поглавари на Помесните Православни Цркви, 14 на број, да го потпишуваат документот за автокефалност). Така, на крајот, прашањето остана да се разгледува на наредната сеправославна средба.

Во понеделник започна разгледувањето на прашањето за автономијата, но и тука се случи истиот застој. Одделена е работна група, во којашто влегува и проф. Иван Желев, за да се подготви текст за решение на прашањето. Но, поради остри спортивставувања внатре во работната група до вчера вечер не беше постигнат никаков резултат. Вчерашното заседание е одложено, за да може да се состане работната група, така што едвај во 17 часот беше направен обид целата комисија да ја продолжи својата работа.

Третото прашање, за диптисите, исто не ветува лесно разгледување. Дознавме дека Кипарската Православна Црква ќе претендира за патријаршиско достоинство, а Грузиската Црква одамна претендира за петто место меѓу Патријаршиите, а не за деветто, како што ѝ одреди во 1990 година Цариградската Патријаршија.

Едно нешто што направија еднодушно 30-мината делегати на помесните Цркви: вчера тие направија заедничка фотографија за спомен во храмот на свети Павле на Православниот центар. На фотографијата сите се насмеани. Им посакуваме насмевките да им се почесто на лицата.

 

Извор: Дверибг.нет