Московска Патријаршија: Христијаните не смеат да членуваат во Темпларски редови
 
 
 
 
 

Московска Патријаршија: Христијаните не смеат да членуваат во Темпларски редови (26.04.2010)

Во Руската Црква изјавија дека не соработуваат со организацијата „Заштитници на православните христијани, посветени на светиот кнез Димитриј Донски“, што е руското име за витезите на Ерусалимскиот храм, познати како темплари. „Таква организација не доби одобрение од страна на црковното раководство, ниту соработува со Руската Православна Црква“, изјави претседателот на Одделот за односи меѓу Црквата и општеството протоереј Всеволод Чаплин. Тој изјави дека основателите не се обратиле со предлог за соработка ниту на Рускиот патријарх, ниту на Одделот со кој раководи протоереј Чаплин, којшто се занимава со вакви иницијативи.

Темпларската организација е основана на 19 декември 2009 година во хотелот „Даниловски“ во Москва, што беше повод за мислења дека постои соработка со Црквата. Уште повеќе пак и тоа дека на официјалната страница на организацијата е напишано дека „Заштитниците на православните христијани“ работат под раководство на Руската Православна Црква, ѝ служат, ги штитат нејзините интереси, како и на православието, низ светот – во тоа бил „коренот и смислата на постоењето“ на новата организација. Руската Православна Црква ги негираше овие информации како такви што не се соодветни на вистината.

Протоереј Всеволод Чаплин изјави дека „особено многу прашања“ предизвикува облекувањето со витешки облеки на учесниците за време на основачкото собрание на организацијата. „Откако се запозна со случајот, Неговата Светост Рускиот Патријарх Кирил изјави дека соработката со ваквата организација ја смета за несоодветна“. Свештеноначалството на Руската Црква не го благословува создавањето на „православни витешки редови“ или други структури од овој род. „Црквата не го одобрува учеството на православни мирјани, а уште повеќе на свештенослужители во вакви организации“. „За ова јасно се зборува во Основите на социјалната концепција на Руската Православна Црква“, изјави протоереј Всеволод Чаплин.

 

Двери БГ: Напомнуваме дека темпларите имаат и бугарски клон, кој ја користи истата рекламна стратегија на „заштитници на православието“. За жал, Бугарската Црква не се изјасни како Московската Патријаршија по овој случај, давајќи повод на овој начин за соблазни меѓу христијаните во Бугарија.

 

Извор: Дверибг.нет