Третина од тринаесетгодишни момчиња во Русија секојдневно конзумираат алкохол (30.04.2010)
Според статистиката на социолозите, секој втор четириесетгодишен човек во Русија нема да доживее пензија, соопшти еден од претседателите на црковно-општествениот совет за превенција на алкохолизмот, настојателот на Сретенскиот манастир во Москва, архимандрит Тихон (Шевкунов).
„Според податоците на Руската агенција за здравје и права на потрошувачите, 33% тринаесетгодишни момчиња во Русија секојдневно конзумираат алкохол. Меѓу девојчињата овој процент е 20. Најмногу се конзумираат пиво и алкохолни коктели“, рече о. Тихон.
Тој додаде дека секоја година од причини поврзани со алкохол во Русија умираат 700.000 луѓе.
Меѓу причините за ваквата ситуација, според него, се „агресивното наметнување на алкохол преку телевизиските реклами“ и „ниските цени на алкохолот“.
„Во Москва можете да најдете шише пиво за 27 рубљи, во провинција и за 20, додека шише обична газирана вода чини 35, а пакет сок – 70 рубљи“, заклучи Архимандритот.
Извор: Православие.ру