Рускиот свештеник Вадим Арефјев ги спасува сонародниците-алкохоличари во Њујорк (30.04.2010)
Православниот свештеник Вадим Арефјев во Њујорк им дава поддршка на бездомниците-емигранти од поранешниот СССР. Веќе седум години свештеникот секој вторник „патролира“. Негова цел е да ги врати во нормален живот оние што со месеци не се оттргнуваат од опиеноста со алкохол и наркотици. Отец Вадим го основаше Домот на трудољубието со црква и засолниште за поранешните жители на градското дно.
Спасението на бездомните жители на Њујорк стана главно дело на свештеникот на Руската Православна Црква. Во Брајтон – реон населен главно со емигранти од поранешниот СССР – отец Вадим не е само парох и духовен пастир туку и соработник на социјалните служби. Благодарение на него жителите на гратското дно во буквална смисла се враќаат во живот.
Еве го познатиот Брајтонски boardwalk, кој се протега неколку километри долж океанот. Не многумина од граѓаните кои шетаат по него знаат дека под нивните нозе живеат луѓе запустени и во буквална и во преносна смисла. Некогаш ова место под даските им припаѓало на Афро-американците, но веќе одамна нив одовде ги истиснале емигрантите од поранешниот СССР, давајќи си го само на себе правото да умрат овде од труење со алкохол, предозирање со наркотици или просто од студ.
Седум години на ред старешината на малечката православна црква во Брајтон Бич излегува секој вторник во патрола. Негова цел е со молитва и Слово Божјо да ги врати во нормален живот оние што со месеци не се оттргнуваат од опиеноста со алкохол и наркотици. Го придружуваат браќата од Домот на трудољубието – оние до чии души отецот некогаш го најде клучот и Го пушти внатре Бог. Повеќето од оние кои во вторниците ги повикуваат на молитва на брегот на океанот му се добро познати на отец Вадим – тие веќе се имаат трудено да го остават пиењето, но пак паднале.
Своето мисионерство во неповолната средина отецот го почнал со подвижен иконостас. Сега, како што самиот вели, со Божја помош, во Брајтон има двор со два дома; во еден од нив е црквата, а во другиот засолниште за браќата кои Го примија Бог. Еден од нив, Сергеј, неколку пати го оставаше алкохолот. Сега тој е убеден дека ова е засекогаш.
Сергеј: „Без Господ – нигде. Тој сѐ гледа и сѐ знае. Слава Му на Бог што тоа макар сега допре до мене“.
Пред една година, на Велигден, Сергеј буквално доползе пред вратите на Домот на трудољубието, несвесен дури дека умира. По прегледот неговите лекари одредиле: „целосна цироза на црниот дроб и внатрешно крварење“. Лекарите му предложија на отец Вадим да се подготви да му отслужи опело на алкохоличарот кој умираше. Наместо тоа, тој целата велигденска ноќ заедно со парохијаните се молеше; сите се молеа и за оздравување на братот Сергеј. Неколку дена подоцна болниот се освести и се причести. По четири месеци лекарот на Сергеј му се јави на о. Вадим.
Отец Вадим: „Вие знаете, отец, вакво нешто не се случило не само во мојата медицинска пракса туку јас немам ни читано за тоа во медицинските учебници. Целосна цироза на црниот дроб, краен стадиум, човекот умираше – и потполно исчезна. Неговиот црн дроб е апсолутно здрав. Односно, како што изгледа, израснал втор црн дроб, нов, одново, разбирате?“ Јас велам: „Простете, докторе, сакате да кажете дека се случило Божјо чудо?“ – „Вие, отец, можете тоа да го кажете, а јас, како доктор, јас – не. Но, јас сосема се согласувам со вас“.
Клисарот Александар, поранешен застапник за човечки права од Белорусија, го имаа донесено во Домот на трудољубието без свест, како и Сергеј. Денес тој не е само почитуван член на заедницата туку и благајник во засолништето. Под кровот на црквата Александар ја најде новата смисла на животот – да ги спасува заблудените жители на Брајтон.
Александар: „Неодамна ги броевме умрените во овој реон и просто заплакавме – 50 луѓе“.
Кога станува збор за преживеаните, отец Вадим е задоволен од статистиката. Околу третина жители на Домот остануваат трезни, додека во рехабилитациските центри во Америка за успех се смета 6%. Навистина, не сите локални парохијани го прифаќаат соседството со поранешните алкохоличари, но отец Вадим не се вознемирува од ова; православието е религија на љубовта, уверен е тој.
Отец Вадим: „Поминувам и гледам – еве, човек. Тој во некои свои валканици се грвала и пцуе како кочијаш и готов е сите да ги убие, но зад него стои Христос! Тој има бесмртна душа! Тоа за мене е икона, разбирате? Икона затрупана во нечистотија. И јас, се разбира, имам желба да дотрчам, да ја дигнам таа иконка, да ја измијам, да ја целивам и да ја внесам во храмот. Разбирате ли?“
Уште еден од жителите на океанското крајбрежје овде го нарекуваат просто Комбат. Дома (во татковината) тој навистина командувал со батаљон, а заминувајќи во пензија допатувал во Америка на неколку месеци, и сега веќе десет години живее овде илегално. Секој вторник го целива крстот и се колне пред Бог дека наскоро ќе го остави пиењето, а отец Вадим искрено верува дека порано или подоцна тоа и ќе се случи.
Автор: Борис Кољцов