Православието во Кенија
 
 
 
 
 

Православието во Кенија (01.05.2010)

Во Кенија денес се наоѓа најбројната православна заедница на африканскиот континент, која има околу милион парохијани од вкупно 35 милиони жители.

Православната епархија во Кенија ја основаше во средината на 20 век Кипарскиот Архиепископ Макариј III. Моментално во Кениската епархија на Александриската Патријаршија има околу 200 храмови, десетина црковно-парохиски училишта, дури и Богословија во Рирута, предградие на кенискиот главен град.

Поглавар на Епархијата е Митрополитот Кениски и Иринополски Макариј (Тилиридес). Во Богословијата која е основана 2004 година тој заедно со студентите преведе многу богослужбени текстови на 11 локални јазици. Заедно со богословите тој често ги посетува своите многубројни парохии, каде што лично им помага на свештениците при изградбата на храмови.

Храмовите во Кенија се главно глинени, но веќе во многу села се подигаат големи камени цркви. Многу од нив Митрополитот Макариј ги освети во чест на руски Светители, преподобните Сергеј Радонешки, Серафим Саровски, светиот Лука Војно-Јасенецки, кого Владиката Макариј особено го почитува.

Некои од селските општини се толку сиромашни што свештениците служат во скинати одежди и боси. Но сиромаштвото воопшто не се одразува на духовниот живот на парохиите. Селските цркви во Кенија во неделите и во празничните денови се полни со парохијани. После секоја богослужба луѓето не си заминуваат, туку пеат христијански песни со африкански мотиви, танцуваат и удираат во там-там и бонг тапани, кои се неразделен дел од богослужењето во секој кениски храм.

Богослужбите се совршуваат на грчки и англиски јазик, како и на многуте кениски дијалекти, во зависност од регионот. Секоја година се појавува сѐ повеќе и повеќе духовна литература на јазиците кикују, свахили, масајски, долуо и други.

Рирутската Богословија годишно обучува десетина свештенослужители. Сите тие стажираат во училиштето, а потоа се праќаат на пастирско служење по регионите каде што живеат нивните племиња.