Константинополскиот Патријарх Вартоломеј од 22. до 30. мај беше во официјална посета на Русија
 
 
 
 
 

Константинополскиот Патријарх Вартоломеј од 22. до 30. мај беше во официјална посета на Русија (11.06.2010)

На 24. Мај по повод празникот на светите Кирил и Методиј патријарсите присуствуваа на празничниот концерт во Кремљ, што беше одржан во чест на празникот. Именденот на Московскиот Патријарх Кирил го прославија со сослужување во храмот на Светиот Исаакиј во Петроград.

Патријархот Вартоломеј го посети и познатиот руски манастир Валаам и неговите скитови, придружуван од Игуменот на манастирот Епископот Панкратиј. Братството на манастирот му приреди топол пречек во присуство на мноштво народ кои беа дојдени да земат благослов од Патријархот. Потоа тој се поклони на моштите од светителите кои се чуваат во манастирот. Игуменот Панкратиј во обраќањето до Патријархот Вартоломеј, меѓу другото, го потенцираше фактот дека Вселенската Патријаршија, која ја посадила Православната вера во Русија, ги поставила темелите на православната цивилизација, а постои предание според кое манастирот Валаам е основан од византиски монах.

Манастирот одржува тесни врски со некои светогорски манастири, а особено со Ватопед, каде што биле испраќани монаси со цел изучување на Светогорското монашко предание.

Патријархот Вартоломеј беше поканет и на една руска телевизиска станица, при што ја нагласи потребата да не се одложува свикувањето на Сеправославниот Собор на помесните Цркви. Тој го окарактеризира свикувањето на Соборот како најглавна цел на Вселенската Патријаршија, и дека резултатите од истиот ќе имаат големо значење за целото Православие. Дневниот ред на Соборот е определен и им е познат на сите. Имено, тој содржи 10 теми, помеѓу кои се Автокефалијата, постот, диптисите итн. Во оваа прилика Патријархот Вартоломеј ги повика расколниците од Украина да му се вратат на канонскиот поредок и изјави дека при неодамнешниот разговор со Митрополитот Киевски Владимир му посакал за време на неговото епископување да се реши тоа прашање и да не постои повеќе тој раскол. На тој начин Патријархот ја изјави современата политика на Вселенската Патријаршија во однос на Украина.

На денот на Педесетница двајцата патријарси сослужуваа во манастирот на Свети Сергеј. Сослужуваа и други архиереи од двете помесни Цркви.

Извор: Romfea.gr