Изложба „Руската уметност од зачетоците до Петар Велики“ во Париз (15.06.2010)
Изложбата „Руската уметност од зачетоците до Петар Велики“, која неодамна (од 5.03.2010г. до 24.05.2010г.) се одржа во Музејот на Лувр (Louvre), под висок патронат на Претседателот на Rепублика Франција - г-дин Никола Саркози и Претседателот на Руската Федерација - г-дин Димитриј Медведев, во себе обедини над 400 бесценети артефакти на руското православно културно наследство од околу 26 национални музеи, галерии и библиотеки во Русија и 11 библиотеки и институти од Европа.
Вкупно, околу 40-тина високи институции на културата кои ги обединија своите најбитни и најубави експонати во оваа ретка изложба. Изложба од ваков вид и димензии која за прв пат е презентирана во Франција. Беа презентирани дела за кои би ви било потребно месеци и години патување и упорност за да го составите мозаикот кој беше обединет во Париз, за да ги видите во различните места и музеи во кои се експонирани во постојаните поставки.
Исклучително сведоштво за државотоврната и духовната историја на Православна Русија, од нејзините почетоци до Петар Велики.
За неа подетално известува од Париз м. Исидора, во богато илустрирана репортажа во еден од наредните броеви на часописот „ПРЕМИН“ која ве покануваме да ја проследите.
За сега објавуваме само неколку историски и визуелни фрагменти од репортажата кои зборуваат за прекрасните експонати на оваа исклучителна изложба:
Сведоштвото за битката на Новогородијаните против Суздалијанците, која се одиграла во 1170г., ја среќаваме на изложбата, но, сосема невообичаено - претставена на икона. Станува збор за икона со димензии 116x119,5 cm, изобразена во стилот на Новгородските иконописни ателјеа, настаната околу втората половина на XV-от век, денес во Државниот музеј на Новгород. Историскиот настан претставен на оваа икона, поврзан е со чудото на иконата - Богородица Знамение. Имено, при опсадата на Новгород од страна на војските на кнезот Андреј Богољупски, предводени од неговиот син Роман - принцот на Суздал, вечерта пред самата битка, архиепископот Јован ја изнесува иконата на Богородица Знамение од црквата на Преображението Христово, и ја поставува, спроти непријателот, над подвижната порта на влезот на тврдината на Новгород. При нападот, една од стрелите на напаѓачите ја погодува иконата на Богородица. Иконата, во тој момент се свртува и на жителте на Новгород им го покажува своето лице кое плаче. Истовремено, над Суздалските агресори се спушта ’адски мрак’, темен облак кој ги обезглавува сосема во конфузија исплашените од чудото војници, конечно победени од Новгородските бранители. Овој настан усмено се пренесувал се до неговото запишување во XIV-от или XV-от век. Иконата верно го следи записот за битката, претставувајќи ја во три последователни сцени. Настанувањето на оваа икона во средината на XV-от век, директно е поврзана со епохата на архепископот Евтимиј (1429-1458г.), кога Новгород се бори да ја зачува својата независност загрозена од нападите на Московитската војска.
Изложбата понатаму раскажува за подемот на сакралната архитектура во средновековните центри Суздал, Ростов, Владимир,Твер. Доминираат златните порти на катедралата на Рождество на Богородица, од Суздал (со димензии 375,7x119,5x16 cm) - бакар опточен со врело злато, врз железна арматура. Комплекс од 28 евангелски претстави на големи празници на Црквата, светители, архангели. Неверојатно прецизна и византиски инспирирана изработка со неповторлива оригиналност! „Златните порти од Суздал“, ни откриваат магистрална синтеза на уметничката историја на киевските Руси, но истовремено се и еден од најголемите монументи на рускта духовна уметност.
Уште една икона од Новгородската иконописна школа плени со својата убавина и силина... на присуство. На една позадина со исклучителна црвена боја, Свети Георгиј, качен на коњ изобразен во блескава бела боја,со сивкасто-зелена наметка која се вее на ветрот, го забива копјето во чељустите на змејот поразен пред неговата пештера. Во горниот десен агол, дланката Христова излегува од еден небесен сегмент благословувајќи го светителот. Георгиј е името кое при крштението го добива принцот Јарослав Мудриот, синот на великиот киевски кнез Владимир Првопокрстениот. Свети Георгиј станува заштитник на воините на рускиот среден век, за потоа, во XV-от век да застане како амблем на Москва, со што полека неговото почитување меѓу верните прераснува во она на светител - заштитник и бранител на цела Русија. Експресијата на оваа икона, фина изобразба на Новгородски иконописец од втората половина на XV-от век, е носена од карактеристичната црвена боја на позадината, која отвора нова димензија и ја истакнува чудесно фигурата на светиот коњаник, исфрлувајќи ја визуелно нанадвор. Едноставноста на цртежот уште повеќе ја истакнува рафинираноста на изразот, во елегантната игра на контрасти меѓу црвените, белите, црните и зелените нијанси.
Во Русија од XIV-от век, Свети Димитриј, големиот свет заштитник на Солун, постепено станува национален светител на Русите. По заповед на великиот-принц на Москва Димитриј Донској (1363-1389г.), неговите мошти, донесени во русија во XII-от век, се пренесени од Владимир во Московскиот Кремлин, во предвечерието на битката кај Куликово, во 1380г. Пресудната улога за победата на битката против Татарите, која му е доделена на Свети Димитриј, ја потврдува неговата улога на заштитник, како и неговото почитување. Иконографските претстави на Свети Димитриј со кои изобилува рускиот среден век, од XIV-от век натаму, ја истакнуваат многу помалку димензијата на воин и заштитник, и повеќе ја акцентираат благоста и контемпативност на личноста на светителот. Иконата на Свети Димитриј од Псков, која датира од средината на XV-от век, е несомнено една од подоцнежните претстави на аристократската струја во иконописот на псковските мајстори, во периодот околу 1420-1440г. Оваа струја се изразува низ јасноста на цртежот, елегантниот став, издолженоста на фигурата чии глава и раце се нежни и овално грациозни. Икона најверојатно припаѓала на катедралната црква Свети Димитриј во Псков. Денес е дел од постојаната поставка на Рускиот музеј во Санкт-Петерсбург.
Меѓу предметите кои беа изложени, интересна е средбата со воениот шлем на Иван Грозни, покровот на Свети Александар Невски во монашка посмртна одежда, како и оној на Свети Сергеј Радоњешки, или ’пелената’ за икона на која е навезен во златна и сребрена тенка срма наледникот на тронот - царчето Димитриј, убиен по смртта на татко му Иван Грозни, од страна на соработниците на Борис Годунов - сите изработени во атељеата за ракоделие и везови на семејството Строганов во XVII-от век. Прекрасна е и ’пелената’ (прекривка за икона) на која е навезен настанот на „Јавувањето на Пресвета Богородица на Свети Кирил Белоезерски“, вез рафинирано изработен од свилени конци, златна и сребрена срма, на платно од велур и свила, украсен елегантно со рубини и бисери. И многу крстови, панагии, путири, мали икони, опкови на Евангелија и службени црковни книги, сите богато украсени со позлата и дрги камења или бисери, со рафинирана и сложена изработка на мајсторите од епохата на првиот цар од династијата Романови, Михаил I-ви.