Со изградба на цркви против економската криза
 
 
 
 
 

Со изградба на цркви против економската криза (19.06.2010)

Романската Православна Црква ги повика властите да помогнат во изградбата на нови цркви, со што ќе се надмине економската криза и ќе им се помогне на верните во борбата со очајанието.

„Продолжувањето со работата на црквите во изградба и подигнувањето на нови цркви ќе помогне да се надмине кризата, како моралната и духовната, така и економската и финансиската“, се вели во соопштението на Романската Патријаршија кое е објавено во четврток на 13 мај.

Вака „ќе се создадат нови работни места и ќе се поттикне солидарноста меѓу луѓето, со што ќе се задуши индивидуализмот и ќе им се помогне на верниците да го одбегнат очајанието“, се вели во соопштението коешто е издадено после критика на властите во медиумите заради одлуката голем дел од буџетот да се додели за изградба на цркви, а истовремено да се намалат платите и пензиите за 15-25% во државниот сектор.

Неодамнешното истражување покажа дека од падот на комунизмот во 1989 година, во Романија се подигнати околу 4000 цркви, додека бројот на училишта е повеќе од преполовен.

Околу 19,5 милиони Романци, од вкупната популација од 21,5 милиони, на последниот попис се изјаснија како православни христијани.