Средба на Комисијата за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римокатоличката во Виена (25.09.2010)
Од 20 до 27 септември во Виена се одржува 12-тата средба на Kомисијата за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римокатоличката. На средбата учествуваат 30 православни и римокатолички богослови (еднаков број од двете страни). Има претставници од помесните автокефални Православни Цркви, но не и од Бугарската Православна Црква. Тие ќе продолжат да го разгледуваат едното од најспорните прашања во доктрината на Римокатолицизмот, а имено: улогата на Епископот на Рим во единството на Црквата во текот на првото илјадалетие, т.е. папскиот примат. Ова прашање беше разгледувано на претходното заседание на Комисијата одржано во октомври 2009 година во кипарскиот град Пафос. Тогаш учесниците не успеаја да подготват единствен документ во рамките на работната седмица и затоа одлучија да се одржи вонредна средба во 2010 година во Виена, чиј домаќин е кардиналот Кристоф Шенборн, кој е на чело на Римокатоличката црква во Австрија. Со овогодишното заседание се одбележуваат 30 години од почетокот на православно-католичкиот дијалог, чиј официјален почеток е во 1980 година на островите Патмос и Родос.
„Сè додека не се постигне консензус по однос на историските факти, патот кон црковното единство изгледа сè уште далечен. Теоретското и практичното полновластие на папата, такво како што се развило на Западот во второто илјадалетие и го достигнало својот врв на Првиот ватикански собор (1869 г.-1870 г.), е и останува потполно неприемливо за Православието“, тврди австриската CathWeb. Експертот за екуменизам проф. Рудолф Прокши од Виена, специјалист за историјата на Источните Цркви, одамна тврди дека по ова прашање Католичката црква треба „конечно да се придвижи напред“. Проф. Томас Бремер од Минстер исто така е скептичен: „Обединувањето е реално во подалечната иднина, кога Католичката црква ќе испрати појасни сигнали за подготвеност да ги измени учењето и праксата. Но ова во моментот не е на повидок“.
Томас Бремер подвлекува и уште нешто значајно: грчкото и латинското христијанско предание – покрај несогласувањето по однос на прашањето кое се разгледува на средбата – имаат развиено различно богословско мислење и прашање е дали тие можат да се восогласат. Според него, формално изгледа дека има согласност, на пример, по однос на учењето за Светите Тајни. Двете Цркви признаваат седум Свети Тајни кои во општи црти се идентични, но зад ова стои потполно различно богословие на Светите Тајни. Екуменистичките разговори досега одвај ги имаат допрено овие длабоки разлики и останува да се види „дали западниот и источниот начин на богословско мислење и поглед воопшто можат да се восогласат“.
Извор: Дверибг.нет