Средбата во Виена меѓу православните и католиците заврши без усвојување на заеднички текст
 
 
 
 
 

Средбата во Виена меѓу православните и католиците заврши без усвојување на заеднички текст (27.09.2010)

Во Виена заврши 12-тата средба на Комисијата за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римокатоличката, во којашто зедоа учество 30 духовници и богослови. Средбата заврши без потпишување на завршен документ по однос на дискутираното прашање за првенството на Римскиот епископ во првото илјадалетие и неговата улога во единството на Црквата. Учесниците не успеаја да постигнат заедничко толкување на историските факти и затоа решија работниот документ во којшто проблемот се разгледува од гледна точка на различни историски случувања, да нема официјален карактер. Тој ќе биде искористен само за разгледување на следното прашање од заедничката Комисија за соодносот меѓу соборноста и првенството во животот на Црквата. Следното заседание на Комисијата е закажано за 2012 година. Во текот на следната година ќе се одржи работна средба, којашто ќе ги подготви материјалите за редовното заседание на Комисијата. За време на средбата претседателот на православната група Пергамскиот Митрополит Јован Зизјулас изјави дека „не постои примат без принципот на соборноста и не постои соборност без првиот“ и дека таа меѓузависност на првенството и соборноста реално се живеела од црквите во првото илјадалетие. Тој исто така изрази надеж дека на следните заседанија повеќе ќе се разгледуваат богословските прашања. И на оваа средба на мешаната Комисија се појавија несогласувања меѓу самите православни по однос на првиот епископ во историскиот живот на Црквата.  

На редовната генерална аудиенција на плоштадот на свети Петар во среда минатата седмица, папата Бенедикт XVI зборуваше за огромното значeње коешто го има средбата меѓу православните и католиците што се одржува во Виена. „Послушанието на волјата на нашиот Господ Исус Христос и условите на големите прeдизвици коишто денешниот ден ги поставува пред христијанството, нè принудуваат сериозно да се заземеме за востановување на потполно единство на Црквата. Ги молам сите да се молите за работата на Комисијата за понатамошен развој и зa консолидација на светот и единство меѓу крстените, за да можеме да дадеме на светот поавтентично сведоштво на евангелието“, рече папата Бенедикт XVI пред собраните десетици илјади верници.

Архиепископот Курт Кох којшто е новиот претседател на Папскиот комитет за христијанско единство ја изрази римокатоличката позиција дека „Католичката црква ја изградила својата сила преку развојот на идејата за првенството (на Римскиот епископ), додека православните ја изнеле на прво место соборноста. Треба да се додаде дека Католичката црква има доста да усклади по однос на соборноста... Ние треба отворено да си кажеме еден на друг како си го претставуваме моделот на црковното единство“.   

 

Извор: Дверибг.нет