Празнување на свети Нектариј Егински во Букурешт (17.11.2010)
На 9 ноември, на денот на свети Нектариј Егински (по нов стил), монашкото братство на Бесарабскиот манастир го отпразнува споменот на овој светител со богослужба во манастирот Раду Вода во градот Букурешт. После пристигнувањето во светата обител, којашто се наоѓа во Духовната семинарија во Букурешт, игуменот и браќата се поклонија на моштите на свети Нектариј, положени за поклонение на верните на посебен балдахин во дворот на манастирот.
Со благоговение, ревност и молитвен трепет поклониците чекаа за да се поклонат на моштите на Светителот во ред што се протегаше надвор од оградата на манастирот. Сите поклоници со внимание го следеа богослужението во храмот.
Свечената Архиерејска Литургија беше отслужена од Архиепископот Калиник на Арџеш и Мушчел, во сослужение со викарот на Патријархот Даниел Епископот Варлаам и викарот на Архиепископијата на Букурешт Епископот Варсануфиј. На Литургијата пееше машки хор со автентично византиско пеење.
После читањето на Евангелието, Епископот Варлаам произнесе беседа за житието на свети Нектариј Егински. Светиот Синод на Цариградската Патријаршија го канонизираше во 1961 година и неговиот спомен го определи за 9 / 22 ноември.
На овој ден, голем број верни ја посетуваат Грција за да се поклонат на моштите на свети Нектариј Егински, светител на новото време (1846-1920). На Светителот му се припишуваат чудотворна исцелителна моќ, особено за болни од рак. Манастирот, којшто е од него основан во Егина, го посетуваат поклоници од целиот свет и мнозина од нив не кријат дека добиле исцеление од неговите мошти, кои после упокојувањето во 1920 година се мироточиви.
На свети Нектариј Егински му се припишуваат две илјади чуда и тоа објаснува зошто во различни студии го нарекуваат „земен ангел – небесен човек“. Според православното верување, од свети Нектариј исцеление добиле болни од рак, парализа, Паркинсонов синдром и нервни болести, бубрежни болести и болести на очите. Затоа, не е чудно што мноштво здравствени институции, особено за онкологија и радиологија го имаат за свој заштитник.
Мошти на овој светител, освен во Егина, се наоѓаат насекаде низ светот, и црквите што ги имаат го сметаат тоа за голема благодат.
Извор: Bg-patriarshia.bg