Митрополитот Волоколамски Иларион го изврши чинот на присоединување кон Православната Црква на луѓето кои времено отпаднаа од неа
 
 
 
 
 

Митрополитот Волоколамски Иларион го изврши чинот на присоединување кон Православната Црква на луѓето кои времено отпаднаа од неа (24.11.2010)

На 21 ноември 2010 година, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополитот Волоколамски Иларион, во московскиот храм посветен на иконата на Богородица „Радост на сите оскрбени“ го отслужи чинот на присоединување кон Православната Црква на луѓето кои времено отпаднале од неа, застранувајќи во разни секти и расколи.

Потоа архипастирот им се обрати на присутните со поучно слово:

„Драги браќа и сестри! Денес е извршен чинот на вашето присоединување кон светата православна вера. Тој се состоеше од два дела: најпрво вие се одрековте од сите лажни учења, расколнички и сектантски, на кои во минатото им припаѓавте и во кои верувавте, а во вториот дел на овој чин вие дадовте заклетва на верност на Христос и на Неговите спасителни заповеди и преку полагањето рака од страна на архиерејот се присоединивте кон Светата Православна Црква.

Вие се соединивте со Црквата и од денес сите тие заблуди останаа во вашиот минат живот. Никогаш не си спомнувајте за нив, не трудете се да го анализирате она што ви го говореа лажните учители. Господ ве избави од тоа зло – држете се од него што е можно подалеку. А доколку имате во сектантските или расколничките заедници блиски и пријатели, приведувајте ги кон вистинската вера, спокојно кажувајте им за животот во Православната Црква, не ги разобличувајте, не ги прекорувајте, не ги осудувајте, не им се лутете, туку молете се за тие луѓе и со сопствениот пример – со примерот на својот духовен и црковен живот – објавувајте им ја вистината и убавината на православната вера.

Трудете се редовно да се исповедате и да се причестувате со Светите Христови Тајни, за преку Светата Тајна Покајание да се соединувате со Господ, да добивате од Него простување на гревовите и преку Светата Тајна Причест да се соединувате со Бог потполно – со душа, тело, дух, ум и со сите ваши чувства, за да не живеете веќе вие, туку, според зборовите на светиот апостол Павле, во секој од вас да живее и дејствува Христос (види Гал. 2, 20).

Бог нека го благослови вашиот црковен пат, сиот ваш живот, нека ви помогне никогаш веќе да не застраните во мрежата на заблуди и лажни учења, туку крепко да стоите во православната вера и да ги приведувате кон вистинитата вера другите. Господ да ве чува сите вас!“

 

  

 

                                           

 

  

 

Извор: Mospat.ru