Реставрацијата на Света Софија во Истанбул е при крај (27.12.2010)
Реставрацијата на највеличествениот споменик на византиската уметност во Истанбул – храмот на Света Софија, е при крај. Градските власти се надеваат дека веќе во почетокот на следната година храмот ќе биде повторно отворен за туристи. Реставрацијата на централната купола на храмот како и на крстилницата е речиси завршена. Основниот реставраторски зафат беше на огромната купола, чиј дијаметар изнесува 31,5 м. Реставриран и исчистен е и златниот мозаик кој ја покрива. Еден дел од куполата бил во многу лоша состојба и затоа е донесено решение во целост да биде откриен само еден мал дел, а тоа е ликот на еден серафим. Во почетокот на следната година потполно ќе биде реставрирана крстилницата. Внатре во храмот е направена реставрација на 600 м2 мозаици. Исчистена е и надворешната фасада и поправени се покривите на куполите.
Познато е дека реконструкцијата на овој соборен храм се вршела континуирано во историјата. Изграден е од свети Константин Велики, а проширен за време на Констанциј Втори. Во 5-6 век храмот бил три пати запален и потоа возобновуван. Денешниот облик го добива за времето на императорот Јустинијан Први, кој за градбата користел најдобри материјали со коишто располагала Византиската империја, како и архитектонски елементи од антички згради, вклучувајќи 8 столба од храмот на Артемида Ефеска. Храмот неколку пати бил погоден од земјотрес, ограбуван од крстоносците, а после преземањето на градот од Турците е претворен во џамија. Од 1935 г. со указ на Кемал Ататурк е претворен во музеј. Денешната реставрација на храмот започна во 1993 г.
Во врска со реставраторските зафати, пред два дена за првпат беше претставен огромен мермерен купел, откриен оваа пролет, којшто е најголемиот сочуван византиски крштелен купел. Археолозите претпоставуваат дека се користел во Света Софија уште од 6 век за заеднички крштевки, вообичаено извршувани за Велигден. Се наоѓал во крстилницата на храмот, којшто подоцна е претворен од Турците во мавзолеј. Самиот купел бил наполнет со земја и на тој начин останал целосно сочуван.
Извор: Dveribg.net