Православните верни во Русија го отпразнуваа Рождеството Христово (08.01.2011)
Патријархот Московски и на цела Русија, како и секоја година, ја отслужи главната Божикна служба во храмот на Христос Спасителот во Москва, на која се собраа околу пет илјади луѓе, меѓу кои беше и претседателот на Русија Дмитриј Медведев.
Свечени богослужби се одржаа и во неколкуте стотици православни цркви во Москва и во десетици илјади руски цркви низ целиот свет.
На богослужбата во главниот град на Русија, според проценката, се собраа околу милион парохијани. Заради нив, традиционално, властите го продолжија работното време на градскиот транспорт.
Честитајќи им го Божик на верните, Патријархот Кирил рече дека грчкиот збор „литургија“, се преведува како „заедничко дело“. „Целиот наш живот треба да стане Литургија, заедничка молитва и заедничко дело, кои се извршуваат за да се воплоти во животот Божјата промисла за светот и за човекот и на тој начин да Му воздадеме слава и пофалба на Творецот. Ова бара од нас сострадание со браќата и сестрите по вера, па дури и со оние кои уште не Го нашле Господ во своето срце, но кои слично на евангелските мудреци се наоѓаат на патот до Него“.
Од денот на Рождество Христово па сѐ до празникот на Крштението Господово (19 јануари) православните христијани ќе продолжат со празнување – тоа се свети и радосни денови во кои луѓето го одбележуваат Раѓањето на Спасителот.
Традицијата на повеќедневното празнување се поврзува со практиката на раната Црква, кога Рождеството и Крштението биле одбележувани заедно како еден настан на Богојавление.
Извор: Patriarhia.ru