Се упокои во Господа Митрополитот на Клуж Вартоломеј
 
 
 
 
 

Се упокои во Господа Митрополитот на Клуж Вартоломеј (01.02.2011)

Вчера вечер, на 90-годишна возраст се упокои во Бога еден од најстарите и најавторитетните архиереи на Романската Православна Црква – Митрополитот на Клуж Вартоломеј (Ананија). Тој почина околу 19.25 часот во болницата за брза помош на севернороманскиот град Клуж-Напока после тригодишно боледување од срцева болест.

 

Уште вечерта телото на почитуваниот архиереј беше пренесено во соборниот храм на градот, каде што веднаш се собраа стотици христијани за да се простат со својот духовен отец, кој се грижеше за нив во последните 18 години. Се очекува дека телото на Митрополитот ќе биде погребано во петок во криптата на соборниот храм, кој пред неколку години стана митрополитски центар.

 

Романскиот патријарх Даниил во своето писмо на сочувство подвлече дека покојниот митрополит „беше заштитник на Православната вера и признаен лидер на романскиот духовен живот; тој умееше плодотворно да ги спојува верата и културата. Митрополитот Вартоломеј имаше мисионерски дух и без разлика на својата возраст ги предлагаше новите методи на пастирска грижа во менливото општество на таков начин што тоа ги признаваше и почитуваше одлуките на Црквата. Тој беше меѓу првите кои започнаа да ги користат современите средства за јавно информирање за да го шири Божјото слово. Се надеваме дека на Небесата тој ќе биде меѓу светите писатели на Светото Писмо – пророците и апостолите, бидејќи толку многу се потруди во изучувањето и преводот на Библијата“.

 

Митрополитот Вартоломеј (во светот Валериј Ананија) е роден на 18 март 1921 година. Ја завршил Духовната семинарија во Букурешт, после учел медицина, музика и богословие. Како студент го примил монашкиот потстриг на 2 февруари 1942 година. На 15 февруари истата година бил ракоположен за јероѓакон.

 

Во 1948 година го одбранил докторатот по богословие во Букурешт, каде што две години работел во Патријаршијата, а од 1950 година започнал да предава црковна историја на Факултетот. Буден и отворен духовник, тој станал цел на државните служби пред и после доаѓањето на комунистите на власт. Бил апсен заради своите убедувања уште во 1941 година, 1942, а потоа и во 1958 година, кога е осуден на 25 години затвор. По шест години бил помилуван со амнестијата од 1964 година. Во 1965 година бил пратен во Американската епархија на Романската Црква, каде што во 1967 година бил ракоположен за јеромонах и добил чин архимандрит. Во 1976 година се вратил во Романија застанувајќи на чело на синодсиот оддел за изучување на Библијата и мисионерска дејност.

 

На 61-годишна возраст во 1982 година се повлекол во манастирот Варатек, област Молдавија, каде што се зафатил со превод на Светото Писмо. Во 1995 година издал свој превод на Новиот Завет, а во 2001 година е издадена целата Библија во негов превод. Покрај тоа има и мноштво богословски, уметнички и драматуршки дела. На 21 јануари 1993 година бил избран за Архиепископ на Клуж, а по реорганизацијата во Романската Црква во 2006 година е воздигнат (на 2 март) во Митрополит на Клуж, Алба Јулија, Кришана и Марамуреш. Заради неговата цврста вера и смелост пред властродржците, го нарекувале „лавот од Карпатите“. Беше предложен како еден од кандидатите за патријаршискиот престол по смртта на покојниот патријарх Теоктист во 2007 година. Почесен доктор е на неколку универзитети.

 

Митрополитот Вартоломеј имаше големо влијание во современата историја на Романската Православна Црква. Меѓу другото, веднаш по промените во државата тој се застапи за активно учество на клирот во политичкиот живот на земјата, но потоа, разочаран од некои лоши примери, си го смени мислењето и стана иницијатор на мерки против учеството на православните клирици во политиката.

 

Бог да го прости!

 

Извор: Дверибг.нет