Јавните личности сведочат за вистинските вредности во животот
 
 
 
 
 

Јавните личности сведочат за вистинските вредности во животот (04.02.2011)

Во организација на Канцеларијата за веронаука на Црковната општина во Ваљево, во Ваљевската гимназија предавање на тема „Човекот денес“ одржа познатиот рок музичар Зоран Костиќ – Цане, водач на познатата рок група „Партибрејкерси“. Ова предавање имаше за цел да им се укаже на младите луѓе на вистинските вредности коишто денес се сѐ помалку. Јавните личности кои имаат големо животно искуство можат на многу пристапен начин да им зборуваат на младите за таа вечна борба меѓу доброто и злото, која најнапред тие самите ја почувствувале на своја кожа.

Еден од таквите, со големо животно искуство, е и популарната ѕвезда Цане. Низ целото негово предавање беше нагласена можноста за човековото преобразување т.е. дека нема човек што не може да се преобрази и да започне поинаку да гледа на животот. Најчесто средината не го прифаќа преобразувањето на таквиот човек, бидејќи во него ги гледа своите недостатоци. Според неговите зборови, времето што е зад нас беше многу тешко за растење на многу генерации млади луѓе, бидејќи во тоа време ни беа нудени некои поинакви вредности, на кои најнапред им подлегнаа родителите, а преку нив и децата.

„Младоста не трпи лицемерие, дволичност, лага... и затоа вечно трага по вистинските одговори, но од уморните родители заслепени со материјалистички поглед на свет тешко е да се добие одговор, па затоа младите луѓе ги бараат на друга страна. Еден од патиштата на трагање по Бог и вистинските вредности е и рок музиката“. Така, во многу стихови на Партибрејкерси е проткаена таа желба за смислата и вистинските вредности, а понекогаш тоа беа стихови многу слични на новозаветните цитати. „Младите денес треба да бидат поддржани и со сето срце треба да се биде со нив, бидејќи тие се најискрени во односот кон животот“, порача Цане.

Во ова на младите многу може да им помогне Црквата со своето новозаветно учење. Цане нагласи дека Бог се доживува како Љубов, Црквата – како простор на слободата, радоста и создавањето, и дека не верува во Божјата казна, туку дека човекот сам себеси се казнува одвојувајќи се од Изворот на животот. Бог само како најдобар родител ни дава насоки како да одиме, не гушејќи ја нашата слобода, за нам да ни биде добро. Нагласи дека ние често се однесуваме старозаветно, а понекогаш и длабоко пагански. Често се радуваме на туѓата несреќа, како што вели тој „на комшијата кравата да му биде како чиваува“. Во познанието на вистинските вредности многу може да ни помогне Црквата, којашто често многумина ја отфрлаат бидејќи не ја познаваат нејзината суштина и го доживуваат влегувањето во Црква како некој на вратите да ги чека со осуда и со меч над главата. Црквата е простор на радоста, слободата и љубовта, ако искрено се доживеат. Во текот на предавањето тој зборуваше за многуте општествени проблеми, но не и за политиката, искажувајќи неразбирање кон своите колеги кои со неа се занимаваат.

 

Цане ги повика младите да читаат многу, да се образуваат, но да го образуваат и целото свое битие, посебно да читаат Нов Завет, во кој можат да ги најдат одговорите на многуте свои прашања и недоумици. „Доволно е да се прочита една страница или една реченица дневно за да добиеме одговор за целиот тој ден“. Образованиот човек не е само оној кој многу знае, туку оној кој ја познава животната философија, а такви биле многуте христијански светители. „Човековата мудрост (философија) често низ многу пишување бара оправдание за недостатокот на својата љубов и пореметените односи“, се зборовите на Зоран Костиќ Цане.

Како што вели тој, животната философија на некои претходни генерации се сведува на стих од една новокомпонирана песна: „Земи сѐ што ти пружа животот, денес си цвет а утре свената роза“. „Многу луѓе не размислуваат за смртта, за средбата со Бог. Овде на земјата го заслужуваме рајот или пеколот. Овој живот ни е даден, нема реинкарнации или нешто слично. Затоа – што ќе направиме тука, тоа нѐ чека и горе. Преобразувањето е најважното, и нема човек кој не може да се промени. Христос во овој свет дојде заради слабите и угнетените, дојде да ги земе нашите гревови и слабости“.

Накратко, целото предавање беше повик на љубов, почитување, разбирање и преобразување, најнапред лично, а потоа и народно.

 

Извор: Радио Светигора