По разурнувачкиот земјотрес и цунами во Јапонија (14.03.2011)
Отец Николај Кацубан, Токио
По разурнувачкиот земјотрес на североистокот на Јапонија, богослужбите во православните храмови во земјата се вршат позачестено. За ова во интервју за порталот „Православие и мир“ (Православието и светот) соопштува старешината на метохот на Руската Православна Црква во Јапонија, протоерејот Николај Кацубан.
Тој меѓу другото вели: „Редовно се слушаме телефонски со свештениците од православните храмови во Јапонија. Најмногу од сите настрада Сендајската епархија. Единствениот со кој епархискиот Владика Серафим (Нобору) не може да се поврзе е отец Василиј Тагучи. Црквата за којашто тој се грижи се наоѓа во епицентарот на земјотресот. Не ни е познато дали е тој жив, затоа што немаме врски со тој регион. Дури вчера таму обезбедија струја и вода; греење нема, ниту ќе го има во најблиско време. Ние сме подготвени да им помогнеме. На островот Хокаидо повеќе или помалку ништо не е разрушено, вклучувајќи ги и храмовите.
Богослужбите сега ги вршиме не според вообичаениот режим, туку позачестено. Се служат молебни во сите храмови за спасение на настраданите. Луѓето се трудат да доаѓаат, но само тие што живеат во близина. Порано ни доаѓаа и од соседните населени места, но затоа што постои опасност возовите да слезат од шините, сообраќајот е сопрен. Вчера свечено го отслуживме чинот на Торжеството на Православието.
Поворно ги просам вашите молитви. Господ нека ни даде сили да го преживееме сето ова. Се надеваме на Неговата милост, секој ден на колена се молиме. Ќе се молиме и ќе просиме од Господ да се избавиме од ваквите беди. И сите наши парохијани ги повикуваме да се молат непрестајно. Вчера го читавме Псалтирот. Парохијаните се држат, се трудат да не очајуваат, сепак се тие верници, сфаќаат дека ова треба да се преживее и да се има надеж во избавување“ – заклучува протоерејот Николај Кацубан.
Матушка Марија Мацушима, Нагоја
„Епископот Сендајски Серафим, надлежен архиереј на Сендајската и Источно-јапонската епархија на Јапонската Автономна Црква се поврза со Токио“, соопштува матушка Марија Мацушима од Нагоја. Како што соопшти Владиката Серафим, православната црква во Сендај, која се наоѓа во најмногу настраданата зона во Јапонија, не е разрушена од стихијата. Според зборовите на Владиката, тој не може да се поврзе со парохијаните и да го процени степенот на штетата нанесена на оваа територија, бидејќи не функционираат телефонските врски и струјата. Во Сендај блиску до брегот на океанот живее стариот свештеник Василиј Тагучи, со кого не може да се воспостави врска. Матушка Марија Мацушима од Нагоја исто така рече дека луѓето се плашат од повторни земјотреси и православните Јапонци просат молитви.
Отец Стефан Учида, Јамада-хо
Православниот храм посветен на Благовештението на Пресвета Богородица во Јамада-хо бил разрушен од цунамито и пожарот, како што соопштува свештеникот Стефан Учида во мејл до протоерејот Дионисиј Поздњаев, настојател на црковната општина на светите првоапостоли Петар и Павле во Хонг Конг.
„Јас дознав за тоа од вестите на телевизија. Во тој храм служев до минатата година. Молете се за браќата“ – вели о. Стефан.
Отец Климент Кодама, Сендај
„Православниот храм во Сендај не пострада од цунамито“, вели свештеникот Климент Кодама во мејл до протоерејот Дионисиј Поздњаев. Отец Климент вели дека во Сендај има струја, вода и телевизиски сигнал, но нема врски со другите храмови. „Не знаеме ништо за нашите парохијани, многу сме загрижени заради нив. Благодариме за молитвите“ – пишува о. Климент.
Извор: „Православие и мир“