Канонизација на баташките новомаченици во Бугарија
 
 
 
 
 

Канонизација на баташките новомаченици во Бугарија (24.05.2011)

 

                                                

 

На 16 мај 2011 година во Батак настапи врвниот момент во подготовката за првата прослава на Баташките маченици, кои на 3 април, годинава, беа канонизирани за светии на Бугарската православна црква и на целото Православие.

Пловдивската света митрополија организира спектакуларна прослава, во чија подготовка се вклучија свештеници и мирјани од целата Пловдивска епархија, семинаристите на Софиската и Пловдивската духовна семинарија, како и претставници на државните институции - Народното собрание, Министерскиот совет, Министерството за култура, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и др., заедно со општинската власт на град Батак.

Така, во петокот, во Бугарија почнаа да пристигнуваат и високопочитуваните гости - претставници на Вселенската, Александиската, Антиохиската, Московската, Српската, Романската и Грузиската патриаршија, како и на Кипарската, Грчката, Полската, Албанската и Чешката архиепископија.

На 16 мај на централниот плоштад во Батак беше подготвена отворена сцена за претстојната празнична Вечерна богослужба, за која во градот беа донесени честички од Крстот Господов, сопственост на Пловдивската митрополија, и иконата на светите Баташки маченици. Нивните свети мошти беа положени во специјален кивот.

Во пресрет на денот определен за прослава на светите Баташки маченици, пречекот на иконата на светите Баташки маченици започна на почетокот од градот во 18:30 часот, по што, со свечена литија, многуилјадниот народ се упати кон плоштадот, каде беа изнесени светите мошти на Баташките маченици за сеопшто поклонување и потоа беше отслужена празнична Вечерна. Неговото Високопреосвештенство, Пловдивскиот митрополит Николај ја предводеше празничната Вечерна, која се одржа токму на главниот плоштад, во непосредна близина на историскиот и за сите православни христијани - свет храм "Св. Недела ", каде што светите Баташки маченици ги дадоа своите животи за Христа.

Заедно со митрополитот Николај сослужуваа и Митрополитот на Сисаниу и Сиатистис, г. Павле - претставник на Вселенската патријаршија; Илиополискиот митрополит Теодор - на Александриската патријаршија, Моравичкиот епископ Антониј - Српска патријаршија, епископот на Скореновац, г. Амвросиј - од Романската патријаршија, Арсинојскиот епископ Нектариј - Кипарска архиепископија, Христијанополскиот епископ Прокопиј - Грчка архиепископија, Супрасалскиот епископ Григориј - Полска митрополија, митрополитот Игнатиј - Албанска архиепископија, архимандрит Јоргос Сакура - Антиохиска патријаршија, протоереј Дејвид Маккафи - од Православната црква во Америка, и свештеникот Пламен Тодоров - Чешка архиепископија. Во сослужението учествуваа и високопреосвештените и преосвештени архиереи на Бугарската православна црква. Кон празничните вечерни молитви се приклучија и повеќе архимандрити, повеќе бугарски и странски монаси и монахињи, ректорите на двете семинарии, заедно со своите ученици, како и над 250 свештеници од Пловдивската, Софиската, Сливенската, Врачанската и други епархии на Бугарската Православна Црква, и големо мнозинство на православни христијани од сите краишта на Бугарија.

Државните и општинските власти беа претставени од страна на заменик премиерот на Р. Бугарија, г-дин Цветан Цветанов, заменик-претседателката на Народното собрание, г-ѓа Екатерина Михајлова, министерот за одбрана, г-дин Ањо Ангелов, градоначалникот на Батак, г-дин Петар Паунов, градоначалникот на Пловдив, г-дин Славчо Атанасов и многу други официјални гости, кои со посебна почит и возбуда учествуваа на молитвената црковна прослава на светите Баташки маченици.

Поројниот дожд, кој скоро цело попладне ја напојуваше земјата, по Божјата милост сосема престана, уште на самиот почеток од празничната Вечерна. 

Свечената богослужба ја збогатија и прекрасните гласови на Пловдивскиот митрополитски хор "Св. апостол Ерма" и семинаристите од Софиската духовна семинарија, предводени од г-дин Љубомир Игнатов.

За време на празничната Вечерна беше отслужено и петолебие, по што духовниците и верниците христијани, откако беа повикани од Пловдивски митрополит Николај, заедно ја кажаа молитвата "Оче наш". Веднаш потоа, заменик премиерот на Р. Бугарија г-дин Цветан Цветанов се искачи на покриената сцена и застана до владичкиот трон на Пловдивскиот архипастир. Отпустот беше возгласен од страна на ставроикономот Мина Минчев, претстојател на митрополиската катедрала Св. Недела"во Софија.

Прославата продолжи со положување на венци во храмот “Св. Недела", концерт и огномет, а  

беа произнесени и уште неколку благи слова на дел од присутните гости. Особено беше боговдахновено словото на митрополит Николај во чест на прославата на светите маченици, кое предизвика огромна возбуда и духовна радост кај присутниот народ.

Потоа г-дин Цветан Цветанов, од името на премиерот г-дин Бојко Борисов, му предаде на Пловдивскиот митрополит подарок од Бугарската влада - св. утвар (црковни садови), што ќе се користат за потребите на обновеното богослужение, во веќе отворениот храм "Св. Недела"во Батак. Митрополит Николај упати најтопла благодарност до бугарската државна и општинска власт за нивната драгоцена помош.

Следниот ден, на 17.05., беше отслужена торжествена света Архиерејска Литургија, на која учествуваа сите епископи и митрополити и останатите свештенослужители.

 

 

 

      

 

     

 

     

 

     

 

    

 

     

 

     

 

Извор: bg-patriarshia

Преземено од: bigorski.org.mk