Русија: Велигден во затворот Бутирка (29.05.2011)
„Ви посакувам пасхалната радост, која и на слобода не секогаш е можно така духовно да се почувствува како овде кај нас, во затворскиот храм, да биде со вас не само денес и утре, туку целиот ваш живот. Христос воскресна!“ – со овие зборови ја заврши велигденската богослужба во храмот на Покровот на Пресвета Богородица во Бутирскиот затвор старешината на овој храм о. Константин Кобелев.
– Треба да се сакаат луѓето, да се однесува кон нив човечки, да се прави добро – тоа е најважното во животот. И тоа токму меѓу овие ѕидови, меѓу кои во текот на толку години имало толку многу страдања. Овде има многу негативност и тоа треба да се симнува. И тоа што вие го правите е непроценливо, со никакви зборови не може да се изрази – рече, обраќајќи им се на свештениците кои се грижат за верниците во затворскиот храм, началникот на СИЗО бр. 2 на градот Москва (така официјално се именува Бутирскиот затвор) Сергеј Венјаминович Тељатников после празничната богослужба – и сите ние, сите наши соработници правиме сѐ што е можно во тој правец. И фала Му на Бога што многумина ни помагаат во тоа.
Без Божја помош, а и човечка, невозможно би било и возобновувањето на храмот во Бутирскиот затвор. Храмот на Бутирскиот затвор е посебен: тој е измиен со солзите на 216 новомаченици.
– Всушност бројот на оние што поминале низ Бутирка за време на Сталиновите прогони е многу поголем – вели о. Константин. – За многумина и во самите житија е напишано: бил во еден од московските затвори. А такви затвори немало баш толку многу; што значи дека 30% од осудените биле во Бутирка. Па така кон списокот на Бутирските новомаченици треба да се додадат уште стотина луѓе.
Зградата во која сега се наоѓа храмот во советско време се нарекувала внатрешен бутирски привремен затвор. Што значи, човекот од судската сала го носеле тука. Кога ќе ја добиел пресудата, тој веќе не се враќал во својата ќелија, туку останувал во зградата на црквата, во која во советско време биле направени три спрата со големи ќелии. Овде условите биле најтешки. Преполнетоста на ќелиите најголема. Имено тука престојувале осудениците знаејќи дека едните ќе ги пратат во Соловки или Колима, а другите во Бутово: одовде биле носени и во логори и на потешки казни. Но некогаш веднаш во затворот била извршувана пресудата.
– Зошто овде, без оглед на сѐ, ние особено радосно служиме? Затоа што оваа зграда е исполнета со молитви, а ние го даваме и нашиот придонес кон тоа – заклучува о. Константин.
Воопшто во сѐ што овде се прави се чувствува молитвената помош на Бутирските свети, благодарение на која се спроведуваат и најсмелите планови.
Лесно е да се љубат оние ближни кои се стремат кон спасение на душата, согрешувајќи – се каат, навредувајќи – бараат прошка, но обидете се да ги возљубите крадците, ограбувачите, убијците, кои седат во Бутирка...
– Кога доаѓам наваму, на две раскрсници одовде почнувам да чувствувам тежина... Крв. Таа гуши, демоните роварат. Овде има толку зло, сѐ е напоено со крв, омраза, убиство – вели настојателот на храмот на Успението на Пресвета Богородица, во блиската уличка до затворот, о. Владимир Лапшин, кој се грижи и за затворениците во Бутирка. – Но наша задача е да издржиме овде и да се потрудиме да утешуваме. Добриот збор е најглавното нешто што може да се направи во ова место, и што е најважно – евангелското слово.
Значењето на евангелското слово во затворот го сфаќа и раководителот на Центарот за духовна поддршка на православните заедници во местата за лишување од слобода при Мисинерскиот факултет на Православниот хуманитарен универзитет „Свети Тихон“ Наталија Владимировна Пономарјова. Заедно со своите едномисленици таа веќе четири години во неделите го посетува Бутирскиот затвор. Таму е создадена секција на евангелски чтенија. Неодамна таа беше трансформирана во секција за духовно-морално воспитување.
– Групата за изучување на Светото Писмо се покажа како мисинерска станица – вели Наталија Пономарјова. – Ние го читаме Евангелието и луѓето толку се инспирираат, толку многу мисли им се јавуваат што потоа со другите ги споделуваат своите впечатоци, сомнежи, расудувања.
О. Константин вели: „Имаме многу примери кога, осознавајќи ги своите гревови, осудениците кои станале верници излегувајќи на слобода драстично го менувале својот живот. Има луѓе кои, воцрковени во затворот, се враќаа во семејствата, кои пред да бидат затворени ги напуштиле. Тие ја возобновија врската со своите сопруги и живеат среќно, имаат деца, кои достојно ги воспитуваат. Тоа е резултат на тоа што луѓето станале верници, имаат друг систем на вредности и тие во пракса го менуваат својот живот на подобро. Во Европа имаа направено ваков експеримент: еден оддел од затворот дале на христијанска заедница. Таму сите биле христијани: и чуварите и останатиот персонал... Имало се разбира и свештеници. Како резултат на христијанското превоспитување, од оние што биле пуштени на слобода, во затвор се вратиле десет пати помалку луѓе во однос на оние што издржувале казна во другите оддели на затворот. Ние ги праќаме затворениците од Бутирка на служење во светот. Тие од затворот заминуваат по колониите со таа мисија. И ние им велике дека тие таму ќе бидат како апостолите.
о. Константин Кобелев Исповед во затворот
Затворениците бараат икончиња и крстови Крст на црквата на Покров на Пресвета Богородица
Литија со иконите на новомачениците Пасхален целив
Пред Причест Читање на Евангелие
Осветување на затворот Бутирскиот Барсик (Пантерче)
Извор: Православие.ру