Новиот Устав на Унгарија го заштитува човечкиот живот од моментот на зачнувањето (16.06.2011)
Во изменетиот унгарски Устав, кој стапува на сила од 1 јануари 2012 година, стои дека човечкиот живот ќе биде заштитен од моментот на зачнувањето, пренесува CWN. „Човечкото достоинство е неприкосновено“, се вели во Уставот. „Секој има право на живот и човечко достоинство. Животот на ембрионот ќе биде заштитен од моментот на зачнувањето“.
„Еугениските методи, чија цел е селекција на луѓето, како и мерките кои го прават човечкото тело и неговите делови извор на профит, а и репродуктивното клонирање на луѓето се забранети“, се вели понатаму во документот.
Новиот Устав исто така изјавува: „Унгарија ја заштитува институцијата брак меѓу маж и жена и доброволно востановените сопружнички односи како и семејството како основа на постоењето на земјата. Унгарија го поддржува раѓањето на деца“.
Овие одредби во Уставот на Унгарија, засновани врз традиционалниот христијански поглед на моралните вредности, веќе предизвикаа осуда од страна на либералната организација Amnesty International.
Amnesty International на специјалната прес-конференција изрази „длабока загриженост“ од тоа што новиот Устав на Унгарија, донесен од страна на Националното собрание на оваа земја, „ги нарушува меѓнародните и европски стандарди за правата на човекот“.
„Воведената заштита на животот од моментот на зачнувањето (член 2), определувањето на бракот како сојуз меѓу маж и жена (член 50), воведениот доживотен затвор без можност за предвремено условно ослободување (член 4) и исклучувањето на сексуалната ориентација од листата на можни мотиви за дискриминација (член 15.2), е особено проблематично“, тврдат претставниците на Amnesty International.
Во врска со религијата, Уставот на Унгарија изјавува: „Секој има право на слобода на мисла, совест и религија. Ова право вклучува слобода да се одбере и да се смени религијата“. Уставот определува дека во Унгарија Црквата и државата се меѓусебно одвоени, а црквите се независни. Државата ќе соработува со црквите при решавањето на задачи значајни за општеството.
Денес населението на Унгарија брои 10 милиони луѓе. Од нив 59% се римокатолици, а на второ место по бројноста се протестантите (претежно калвинисти).
Извор: Sedmitza.ru