Продолжува соборот на петте „постари“ Цркви во Истанбул
 
 
 
 
 

Продолжува соборот на петте „постари“ Цркви во Истанбул (04.09.2011)

Вчера во Истанбул започна соборот на петте „постари“ Цркви, закажан на барање на Цариградскиот патријарх Вартоломеј. Конференцијата е раководена од страна на патријархот Вартоломеј, а на поканата за учество одговорија Ерусалимскиот патријарх Теофил, Александрискиот Теодор и Кипарскиот архиепископ Хризостом. Антиохискиот патријарх Игнатиј испрати свој претставник. Учествуваат и други ерарси од наведените пет цркви.

Грчките медиуми со нескриена загриженост гледаат кон настаните во Фанар, стравувајќи дека оваа иницијатива на Вселенската патријаршија може да предизвика непоправлива поделеност во телото на Православната Црква, бидејќи го воведува негираниот принцип на етнофилетизам. За учество на соборот се поканети само четири стари патријаршии од таканаречената пентархија во византискиот период и Кипарската архиепископија, која својата автокефалност ја добила на Вселенски собор. Официјално поглаварите на овие Цркви се собраа за да дискутираат за проблемите и крвопролевањата на Блискиот Исток, а како втора тема се наведени проблемите меѓу помесните Цркви кои го попречуваат закажувањето на Велик сеправославен собор. Овој свикан собор на гркојазичните Цркви е резултат на кризата во односите меѓу Фанар и Московската патријаршија, како и на конфликтите со Романската патријаршија.

Вчера средбата започна со Света Литургија во патријаршискиот храм на свети Георгиј по повод почетокот на црковната година - 1 септември. Во својот говор, според објавата во Amen.gr, патријархпт Вартоломеј најави дека длабоко жали што со децении подготвуваниот Велик сеправославен собор сѐ уште не се одржал, и изрази надеж дека тоа ќе се случи наскоро. Тој се надева дека, со дозвола на турските власти, Великиот собор ќе се одржи во храмот на света Ирина, каде што се одржал Вториот вселенски собор во 381 година. Навраќајќи се на проблемите на Вселенската патријаршија, тој рече дека „проблемите на нашите Цркви се проблеми на целото вселенско Православие. Затоа овој собор во никаков случај не е пречка за општата меѓуправославна соработка, туку претставува можност за нејзино понатамошно зајакнување, преку состанокот на древните православни Цркви во врска со идниот развој на православното сведоштво во светот“.

Според него, овој собор не го укинува рамноправното учество на сите православни Цркви на сеправославните средби, но тој сепак ја истакнува „утврдената од древни времиња посебна чест на старите патријаршии, како и на Кипарската Црква, која својата автокефалност ја добила на Вселенски собор“. Средбата била замислена како можност за поглаварите на древните Цркви да го споделат своето многувековно искуство во решавањето на општоправославните проблеми и на тој начин да го олеснат делото на меѓуправославните комисии и собранија.

Александрискиот патријарх Теодор му се заблагодари на Цариградскиот патријарх за неговата постојана грижа за Црквата на апостол Марко, како што ја нарекуваат Александриската патријаршија, како и за сите помесни православни Цркви. Тој истакна дека оваа година се навршуваат 20 години од патријаршиското служење на патријархот Вартоломеј и 50 години од неговото ракополагање.

Претставникот на Антиохиската патријаршија, епископот на Апамија, г. Исак ги пренесе поздравите на Антиохискиот патријарх Игнатиј, кој поради настаните во Сирија не можеше да присуствува на средбата.

Ерусалимскиот патријарх Теофил во својот говор се задржа на нерешениот палестински проблем, од којшто произлегуваат повеќето секојдневни проблеми на локалните христијани. Тој се задржа, исто така, и на потребата од конзервација на базиликата на Христовото Рождество во Витлеем, како и на кризата во односите помеѓу Ерусалимската патријаршија и Романската патријаршија.

Средбата продолжува и денес со разгледување на проблемите во поглед на меѓуправославните односи. Вселенскиот патријарх вели дека на денешниот ден ќе бидат разменети мислења за претстојниот Велик сеправославен собор, „кон која цел веќе наближуваме“.

Грчкиот црковен сајт „Ромфеа“ коментира дека оваа средба во Фанар во одреден степен го укинува соборниот систем на Православната Црква, бидејќи во неа учествуваат претстојатели и  претставници на само една десетина од православните верници во светот. „И не само што ја укинува, туку и ги изолира останатите помесни Цркви, со поставување „разлики“ во самото Христово Тело, што е непозната практика во православното предание, бидејќи еден таков Синод, како што беше наречен од самиот патријарх, не ѝ е познат на православната традиција. Размената на мислења за свикување на Светиот и велик собор за жал е едно официјално барање за провоцирање на поделби во Христовото Тело, кое логично и со право ќе предизвика реакции и кај другите помесни Цркви. Имено, се создаваат прва и втора категорија на Цркви, и на тој начин се игнорираат зборовите на Христос за работникот кој дошол во единаесеттиот час на лозјето, кому Господ му плати исто толку, колку и на оној кој работел од утрото. Тоа значи дека во очите на Бога поделеност нема, сите се еднакви, дури и оние, кои подоцна влегле во Православието“.

 

Извор: Двери