Православна црква во Варшава после 100 години (29.09.2011)
Полската престолнина наскоро ќе го добие својот прв православен храм во последните сто години. Митрополитот Варшавски и на цела Полска Сава, поглавар на Полската Православна Црква, се надева дека изградбата ќе започне наредната година во областа Урисно, на југот на Варшава.
Како што е соопштено од Митрополијата, проектот на црквата ќе биде изработен по пример на цариградската црква Света Софија, којашто после падот на Византија е претворена во џамија, а подоцна во музеј. Сепак, како што истакнува секретарот на Митрополијата, протоереј Јерзи Дороскиевиц, варшавската црква ќе биде значително помала.
Во последните години бројот на православните во Полска е во пораст, поради што се зголеми потребата за нов богослужбен простор.
Бројот на православните во Варшава се проценува на околу 30 до 40.000, а во целата земја, според официјалната статистика, бројот на православните изнесува 506.800.
Во Варшава во моментов постојат две православни цркви. Некогаш во центарот на градот, на плоштадот Саски, имало импозантен храм на свети Александар Невски. После независноста на Полска во 1918, храмот во 1924 година е срушен како симбол на рускиот империјализам.