Во Украина со закон забранија рекламирање на окултни услуги (15.10.-2011)
На 4-ти октомври Украинскиот парламент усвои закон и амандмани за измена на некои законски акти (за заштита на населението и информативниот простор од негативно влијание). Триста и двајца пратеници гласаа за усвојување на овој закон. Со новите амандмани се предвидени измени во законите „За реклама“, „За дневниот печат и други средства за масовно информирање“, и „За телевизијата и радиото“.
Со новите измени се забранува рекламирањето и распространувањето на информации за окултно-мистички услуги на волшебници, шамани, екстрасенси, бајачи, спиритисти, астролози, и претскажувачи на иднината. Исто така се забранува емитување на програми и видео содржини во кои преку етерот се нудат окултно-мистички услуги на волшебници, шамани, екстрасенси, бајачи и други лица кои себеси се прогласуваат за надарени да ја предвидуваат судбината, да влијаат врз луѓето, духовниот свет, имотот, и животната средина со користење на натприродни способности или сили“.
Законот стапува на сила од денот на неговото објавување.
Ваков закон со забрана на рекламирање на окултни услуги во последните години беше усвоен и во Белорусија и Србија, како и во другите посткомунистички држави, каде што окултизмот цвета по распадот на атеистичката идеологија.