Руски бизнисмен подари на Руската Црква 70 икони во вредност од 1 милион долари (05.11.2011)
Рускиот бизнисмен и донатор Сергеј Шмаков, помина повеќе од една година во потрага по икони, кои биле изнесени надвор од Русија во периодот на Болшевичката револуција и за време на Втората светска војна, соопшти ArtPrice.bg. Овие икони тој претежно ги откривал и купувал на различни аукции, како и во антикварни продавници и арт маркети во странство. Тие се проценети на приближна вредност од 30 милиони рубљи или 1 милион американски долари.
Еден од највредните експонати во оваа колекција е ретката икона од XVIII век, на која е прикажан "Св. Јован Богослов во тишина", претставен со прсти положени врз усните и ангел зад неговото рамо, созерцавајќи го евангелието што тој го составил. Меѓу другите вредни експонати се "Страдалната Богомајка“ од 1794 година, "Спас Нерукотворный" од 17 век и др.
"Вашата помош е големо патриотско дело. Вие можевте да ги потрошите вашите парите за нешто друго, на пример за развојот на бизнисот, но вие одбравте да ги вратите во Русија не само сакралните вредности, туку и културно - уметничките дела", вака на донаторот му се заблагодари министерот за култура на РФ Александар Авдеев. Во потрага по иконите, на некои од неговите патувања во странство рускиот милионер бил придружуван и од самиот министер.
Од името на Црквата за оваа непроценлива донација се заблагодари Архимандрит Тихон Шевкунов, секретар на патријаршискиот совет за култура. "Сега овие икони ќе станат она за што се создадени - дел од молитвената традиција на Православната Црква, луѓето ќе можат да ги гледаат и да се молат пред нив", рече тој.
Александар Авдеев минатиот ноември го поддржа новиот предлог закон кој предвидува враќање на верската сопственост на Црквата, одземена од државата за време на Револуцијата. Законот се фокусира првенствено на недвижниот имот, но постои страв дека руската Црква ќе ги побара назад и сите икони, кои денес се наоѓаат во музеите.
Во 2009 година, државниот музеј на Санкт Петербург се согласи една непроценливата икона од XIV век да му ја додели на храмот изграден од Сергеј Шмаков. На иконата е прикажана Богородица со Младенецот и е позната како "Торопецка Богородица". Временскиот рок на заемот е продолжуван неколку пати, а тоа предизвикува остри критики меѓу медиумите и музејските власти. На церемонијата во октомври Шмаков објави дека за најмалку една година иконата ќе биде испратена во манастирот Торопец, Тверска област, од каде и потекнува. Меѓутоа, и покрај тоа, иконата и понатаму ќе остане во државна сопственост.
Сергеј Шмаков донираше и специјален клима уред - капсула со двојна покриеност, и на тој начин се обезбеди соодветна заштита на иконата за сето време додека таа се наоѓаше во црквата "Св. Александар Невски ", која е изградена од него. Освен тоа што ја регулира влажноста и температурата на воздухот, капсулата ја штити иконата и од вандализам. Слична капсула ќе биде изградена и за манастирот Торопец, каде што ќе биде изложена иконата. Во времето кога таа беше изложена во црквата, илјадници православни христијани имаа можност достојно да ја почитуваат. Пред тоа, поради стравување за нејзината безбедност, иконата не била изложена во ниеден руски музеј.