Одбиена молбата за ослободување на игуменот Ефрем (15.02.2012)
Настојателот на Манастирот Ватопед на Света Гора, архимандрит Ефрем, останува во притвор. Молбата за негово ослободување со кауција поради здравствени причини е одбиена во четврток заради наводно „неисполнување на неопходните предуслови“. Архимандритот Ефрем се наоѓа во затвор од 27 декември минатата година поради оптужби поврзани со размена на земјишта помеѓу државата и Манастирот Ватопед во 2008 г.
Оваа оптужба против ценет клирик и негово притворување пред судењето предизвикаа огорченост кај целата светогорска заедница, архиереите, свештенството и верниците во Грција како и кај поедини претставници на другите помесни Православни Цркви. „Совршено е очигледно дека апсењето на човек кој не претставува никаква опасност, како што е архимандритот Ефрем, пред донесување на судска пресуда, претставува вонредно случување што предизвикува длабоки недоумици“, рече по овој повод претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополит Волоколамски Иларион.
Извор: Светигора