„Големиот кањон“ на Православието во Америка
 
 
 
 
 

„Големиот кањон“ на Православието во Америка (07.04.2012)

Во 1960 година о. Јован Романидис (1927-2001), голем грчко-американски богослов, професор по догматика на Богословскиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун, во своето писмо до учениот светогорски монах Теоклит Дионисијатски ја повика Света Гора да испрати монаси во Америка и таму да се основа барем еден манастир, а ако е можно и повеќе. Отец Јован посочи дека без монаштвото и аскетскиот дух на Православието, тоа во Америка ќе исчезне и ќе се претвори во нешто сосем друго. „Ако вака продолжи ќе стане како римокатолицизмот или протестанизмот, кои го укинаа секој вид на пост и се занимаваат со сѐ останато освен со аскезата и бдеењето“. Тоа што го барал о. Јован во 1960 година, а за жал Света Гора не можела да го исполни, Господ го остварил неколку децении подоцна, тивко без многу врева, така што тоа никој не го забележал.

Процут на монаштвото

Во 1979 година од здравствени причини во Канада пристигна отец Ефрем, игумен на манастирот Филотеј на Света Гора, духовно чедо на Јосиф Исихастот, кој освен манастирот Филотеј, ги обнови и манастирите: Каракал, Ксиропотам и Костамонит; и доведе монаси. Тој беше вистински претставник на старото светогорско Предание и еден од главните придвижувачи на обновата и устројувањето на светогорското монаштво. Само што пристигна во Канада и му беа извршени медицински испитувања, отец Ефрем истовремено почна да ги исповеда, советува и поучува грчките иселеници кои таму се наоѓаа. Неговото пастирско делување од Канада се прошири и во Америка. Како што посетите зачестуваа, така и неговиот пастирски придонес стануваше сѐ поголем. Тогаш полека почна да се развива и идејата за основање на манастир во Америка, со што грчката дијаспора би имала извор од кој непрестајно би се напојувала. И навистина, се започна со работа, и прво беа основани два манстири, едниот во Монтреал во Канада, а другиот во Питсбург во САД. Овој Божествен опит имаше голем успех и се продолжи со основање и на други манастири, така што денес имаме деветнаесет манастири, а во овој момент се градат уште два. Не недостасуваат ниту прилози и донации на земјиште, се разбира и од страна на луѓе од другите вери. На крајот на краиштата, о. Ефрем прифати и понуда да основа манастир на друг континент. Да се помолиме да се оствари и овој позив. Површината која ја опфаќаат овие манастири е огромна, 400-1500 хектари. Неодамна, за изградба на манастир, еврејската заедница подари 2000 хектари во Ново Мексико. Некои се женски манастири, а некои машки. Монасите од Грција не се многу на број, повеќето од монасите се православни, родени во Америка, од различни националности. Православие примија муслимани, мормони, Индијанци, Евреи, римокатолици, протестанти.

Светогорската заедница во Аризона

Многу од нив живееја некое време на Света Гора за да се запознаат со монашкиот живот и Преданието во неговата колевка. Сите овие манастири се основани во последните петнаесет години. Иселениците ги прегрнаа манастирите со досега невидена љубов. Многумина одат во црква секоја недела и за празниците и со задоволство го следат напорниот типик на службите. Најважно е тоа што манастирите почнаа да влијаат свештениците да се потсетат на автентичниот православен дух. Често ги посетуваат манастирите, ја обновуваат својата духовна сила, се потсетуваат на црковните и пастирските методи од Преданието, носат расо, развиваат чувство за догматски теми, и се спротивставуваат на синкретизмот и нездравиот екуменизам, кој сака да ги соедини сите религии без да се имаат предвид големите и застрашувачки разлики кои постојат. Отец Ефрем за свое седиште го има манастирот Свети Антониј во Аризона, неколку часа оддалечен од престолнината на Аризона, Феникс, во близина на градот Флоренс. Овој манастир е основан во 1995 година, во пустината Аризона, во областа каде претежно живеат мормони. Мормоните се протестантска секта, која е основана во 19 век и ги прифаќа полигамијата и тврдењето дека Американците потекнуваат од Евреите. Нивен центар е државата Јута во САД, а го основале градот Солт Лејк Сити, главниот град на Јута. Околу манастирот се купени уште 1200 хектари земја, на која се одгледуваат маслинки, портокали, лимони, ф’стаци од Егина, винова лоза, грејпфрут и др. Овој предел од пустина е претворен во зелена оаза благодарејќи на водата, која со дупчење на земјата ја има во изобилие. Исто така, пресадени се огромни стебла од палми и кактуси, кои придонесуваат да се почувствува една особено егзотична убавина и благодат. Поплочените патеки околу цветните леи, затемнетото светло во ноќта, фонтаните, имитациите на животни во градините, ја дополнуваат рајската убавина. Првите манастирски објекти биле четири камп-приколки од околу 24 квадратни метри, кои со текот на времето се претворени во стамбени објекти, додека многу други се доизградени на цврсти темели. Освен централната црква посветена на св. Нектариј, постојат уште пет цркви и една во процес на изградба на блискиот рид. Тоа се црквите: Свети Димитриј, Свети Георгиј, Свети Никола, Свети Пантелејмон и Свети Јован во внатрешноста на камбанаријата, и Свети Илија која сега се гради. Архитектурата на храмовите е во различни стилови, од различни делови на православниот свет, но прилагодена на американската средина. Манастирот се протега на околу 432 хектари, има седум конаци и може да прими 500 гости. Бројот на посетителите е огромен.

Лествица од земјата кон небото

Манастирот по посетеност е на второ место во Америка, после Големиот кањон низ кој тече реката Колорадо, и кој заради својата големина е видлив со голо око од Месечината. Големиот кањон е долг 450 километри, на своето најшироко место е широк 30 километри, на најтесниот 6,5 километри, а длабок е 1600 метри. Тој е едно од седумте светски чуда и затоа е еден од најголемите обележја на Америка. Сега сфаќаме што значи тоа што манастирот Свети Антониј е на второ место по посетеност, после Големиот кањон. По примерот на Аврам, гостопримството е бесплатно, како и на Света Гора. Трпезата се поставува наутро после Литургијата и навечер после вечерната служба. Посетителите, мажи и жени, заедно јадат после монасите, слушајќи читање текстови од Отците, како што се прави во организираните манастири. Во конаците слободно може да се послужи овошје, освежувачки пијалаци, слатки, суво овошје, кафе, чај. Манастирот, освен гостопримството, нуди и дело на човекољубие. Обезбедува оброци за сиромашните и дава помош на оние кои ја бараат. Во Тусон, блискиот град јужно од манастирот, се гради институција за сиромашните и за загрозените жени. Затоа, во манастирот, исихазмот, мисионерството, гостопримството и човекољубието коегзистираат во хармонична врска. Богослужбите се според светогорскиот типик, благо прилагодени кон американските услови. Молитвите се извршуваат секојдневно од два до шест часот навечер, а кога има сеноќни бденија од полноќ до седум и половина наутро. Попладне се служи деветтиот час, вечерна и повечерие со славословие. Има околу триесет и пет монаси, а игумен е светогорскиот јеромонах Пајсиј, кој дошол од Света Гора, на самиот почеток од основањето на манастирот со уште пет монаси. Отец Ефрем нема административни обврски, но е Старец на светите манастири како во Америка, така и во Грција. Тој е еден од оние харизматични клирици кои собираат мноштво од светот на исповед, совет и духовно раководство. Дури, и од Грција доаѓаат кај него на исповед. Меѓутоа, порано беше поразлично, од Америка одеа на исповед и духовни поуки во Грција, а посебно на Света Гора (што, се разбира, е карактеристично и денес). Сега дојде до промена. Отец Атанасиј Мосхонас, свештеник во пензија од Тусон, еден од клучните соработници и поддржувачи на Старецот Ефрем во регионот, наведува: „Ние свештениците и архиереите во Америка веќе седумдесет години се трудиме да го донесеме светот во црквата приредувајќи фестивали. Значи, организираме прослави и свечености и нудиме пијалак, јадење, забава и сл. Ги заборавивме молитвата, бројаницата, исповедта, постот, аскезата, Преданието на нашата Црква. Што е најважно, не се посветивме на градење манастирски центри. Мислевме дека не се потребни и дека нема ништо да ѝ дадат на нашата Црква. А тогаш дојде еден малечок човек без световно образование, без диплома за завршени студии по теологија, без радикални и иновативни идеи, какви што веруваме дека ние имаме, и ни укажа на нашето Предание. Не продаваше суфлаки, гиро, мусака, баклава и останатите јадења од грчката кујна, туку продаваше, или бесплатно го даваше, загубеното Христово Православие. Не повикуваше на игранки и забави, туку на бдение и пост. А светот, просветлен од Господ, го поддржа, охрабри и го направи силен. Многу од луѓето кои овде можеме да ги видиме до сега никој не ги забележуваше. Америка која се обидува да побегне од менталитетот на потрошувачкото општество, изобилието и заситеноста од материјалните добра, со движењата како што се ‘хипи движењето’ и насоченоста кон источните религии, почна да го открива вистинското и првобитно христијанство во нашето Православие. Отец Ефрем дојде овде и направи една голема лествица од земјата кон небото. Нам, овде во Америка, преку православното Предание, ни се даде можност да се искачиме на небото. Манастирот Свети Антониј, овде во Аризона, е изграден со знаците кои ги даде Самиот Бог. Кога Старецот дојде во нашата област и почна да бара место на кое би го изградил новиот манастир, бидејќи се обидел да оди на друго место, се изгуби и дојде овде. Беше во екстаза. Веднаш отидовме кај посредниците за недвижности од оваа област да видиме што би можеле да купиме. Кога стигнавме до местото каде порано постоел манастир, додека разговаравме со посредникот, чувме како чука камбана, исто како што се слуша во Филотеј. Старецот тогаш рече: „Овде ќе го изградиме“. Му го кажав тоа на блаженоупокоениот Антониј, епископот на Сан Франциско, нашиот надлежен епископ, на што тој во себе си рекол „кефалониска фарса“, бидејќи јас сум од Кефалонија. Меѓутоа, после две години, додека одевме кон манастирот и застанавме малку пред да стигнеме за да ги облечеме расата, зашто носевме световни облеки како што е обичај тука во Америка, и преосветениот ја чу камбаната. Му нареди на игуменот да не прават свечен прием, и затоа, кога стигнавме го искара. Меѓутоа, игуменот одговори дека не ја удирале камбаната и дека отците се во своите келии. Тогаш преосветениот сфати што се случило и ми исповеда што помислил кога му соопштив што ни се случило. Епископот Антониј, кога го запозна о. Ефрем и неговото дело, ми рече: „Ефрем ќе ја наполни Америка со манастири. Колку сме среќни и благословени што го запознавме и што одиме и зборуваме со еден жив светител“. Да се молиме „Големиот кањон“ на нашето Православие - православните манастири во Америка - да се умножуваат во голем број и непрестајно духовно да напредуваат. Не знаеме каква е волјата на нашиот Господ Исус Христос. „Можеби во иднина Америка ќе стане ново византиско царство“.

 

           

 

                

 

               

 

             

 

                                           

 


Извор: списание „Православен мисионер“,
 јануари/февруари 2012 год.