Интервју со архимандрит Захариј од манастирот на свети Јован Крстител во Есекс, Англија (09.04.2012)
Дали може личнниот призив за монаштво да се искаже со прости зборови?
Монаштвото е место каде што одиме за покајание во име на сопственото духовно обновување. Чувствуваме дека во вообичаеното место за живот (светот) не можеме да ги исполниме двете големи Христови заповеди – да Го возљубаме Бог со целото свое срце и да ги возљубиме ближните како себеси. Имаме потреба од преродување за да ги исполниме тие заповеди наместо законот над гревот. Манастирот е како болница во која одиме за да добиеме исцеление и да ја постигнеме таа цел.
Но, манастирот не е само место за покајание. Тоа е и место за благодарење. Имаме потреба да Му благодараме на Бог за Христовата жртва и некои луѓе чувствуваат дека местото каде што треба да се случи тоа благодарење во нивниот живот е манастирот. Така нивното срце нема да се расејува низ светот, туку собрано, ќе се врати кај Него, со Неговото присуство.
Едно малку наивно прашање за монаштвото како начин на живот во Црквата. Малата ќерка ме прашуваше зошто треба да оди во црква, кога може да се моли дома? Се обидував да ѝ објаснам, дека Бог бара од нас да бидеме заедно на патот кон Него – како што и Самиот ни кажал, каде што се двајца или тројца собрани во Негово име, таму е и Тој помеѓу нив. Нашиот пат кон Бог поминува преку другите – и Бог сака да сме заедно во Црквата за да се вратиме кај Него. Како што во Адам отпаднавме, така во Христа се враќаме. Таа ме потпраша – добро, зошто тогаш монасите се молат сами? Зошто се одделуваат од другите? Како можам јасно да одговорам на едно такво детско прашање? Како самостојната молитва на монахот ја исполнува заповедта да бидеме заедно во Црквата?
На почетокот монашкиот пат изгледал самотен и егоистички. Определени луѓе се повикани да го бараат сопственото спасение самостојно. Но, во сите ситуации монаштвото укажуава на заедништво, тоа се остварува во заедница. Ние не сме сами. Ние сме група едномисленици. Така молитвата ни е посилна бидејќи заедно сме тргнале по еден ист пат и се жртвуваме за една и иста цел.
Тргнуваме од сфаќањето дека имаме потреба за исцеление од паднатата состојба. Штом го започнавме тоа исцеление и кога срцето доволно ќе ни се очисти, за да ја примиме Христовата благодат, одеднаш сфаќаме, дека сме соединети со целиот свет и иднината ни станува неразделна од иднината на светот. Тогаш се вртиме кон светот со очите на Христос, Којшто живее во нашите срца; прва грижа ни станува ближниот, а основна задача – да помогнеме за спасение на сите.
Навистина ние треба да се грижиме за другите, за ближните, но сѐ што треба да знаеме е, дека грижата станува ефективна само тогаш кога сме придобиле нешто, коешто можеме да му го предложиме на светот. На почетокот, додека сме бедни и болни, треба да трчаме кон болницата за да се излекуваме. И дури тогаш отакако ќе бидеме колку-толку исцелени, можеме да го предадеме посланието за спасение на нашето поколение, на другите луѓе.
Отците на Црквата често кажувале, дека ние самите треба да сме просветлени, за да можеме другите да ги просветлиме. Треба да сме исцелени за да ги лекуваме другите. Треба да сме Го примиле Христос во срцата преку верата, пред да започнеме да им проповедаме на другите.
Таа состојба, за којашто зборува свети Силуан: „Држи го својот ум во адот и не очајувај“, се постигнува ли надвор од монашкиот начин на живот? Можат ли луѓето, коишто живеат во светот и имаат семејства, да го разберат и да се прилагодат на тој совет, или тоа е нешто, коешто е својствено само за монасите и монахињите?
Мислам, дека и меѓу монасите малку се оние, коишто достигнале да ја разберат таа духовна состојба. Тоа му било дадено на свети Силуан како лична харизма и тоа многу ретко се сретнува во таква чиста форма. Ја гледаме кај свети Сисој Велики и кај други големи Отци на Црквата. Но, и во манастирите таа е многу, многу голема реткост. Но „меката“ форма на истиот тој дух е дел од животот на секој христијанин. Се соочуваме со неа во сите тешки моменти на својот живот и таа се изразува во довербата, што во длабочините на најголемиот очај или животни тешкотиии и стадања што Бог ќе ни ги прати, ќе нѐ пресретне и спаси – кога успеваме да Му благодариме за сѐ и да ја преземеме вината за грешките врз себеси.
Тој пат е спор, но многу силен.
Пред извесно време ни кажавте дека сте го почувствувале стравот кога Ви било дадено послушание да станете духовен отец. Кај нас во Бугарија често се сретнуваме со млади и неопитни свештеници и монаси кои се поставени како духовни старци, коишто сакаат нивните духовни чеда да ги слушаат во врска со животните избори и да им се послушни. До кој степен се возможни во светот тој вид на духовни односи? Постојат ли поинакви услови и критериуми за таа практика да биде спасителна?
Понекогаш таа практика се повторува и преувеличува. Послушанието, какво што го практикуваме во манастирот е возможно само во манастирот, тоа не е препорачливо за во светот, бидејќи во манастирот сѐ е организирано според Божјата волја и околу богослужбите. Во светот луѓето работат во канцеларии, фабрики итн. Целиот живот не им е организиран околу Божјата волја. Затоа, да го бараме од нив тоа, коешто го бараме од монасите, е премногу. Еден од можните резултати од таквото механичко префрлување на работите е дека животот на светот може да продре во манастирот. Не мислам дека послушанието е можно надвор од манастирот – барем не во таква драстична форма – да се дефинираат сите животни решенија од страна на духовниот отец; мислам дека не е возможно тоа да се практикува во светот.
Знаете дека духовниот отец не е секогаш и свештеник. Ниту пак сите монаси се по дефиниција духовни отци. Можеш да го поминеш целиот свој живот во манастир, без да станеш духовен отец. Во нашата традиција одлуката за тоа кој може и кој не може да биде духовен отец се донесува од постарите отци, како и од потребата на верните во секое одделно место. Во Руската Црква сите свештеници можат да исповедаат, но во Грчката не е така. Таму духовното раководство се добива со специјално ракополагање од Епископ. Само тогаш тој може да исповеда и да дава духовни совети. Како што видовме, на различни места пристапот е различен и двете функции – исповедта и духовното раководство – се слиени (обединети). Но, важно е духовникот да ја продолжува и изразува духовната традиција којашто ја примил од духовниот отец. Заради многуте грешки и проблеми коишто биле забележани во некои Цркви, двете функции се одвоени.
Кога во една земја нема вистинско духовно старчество, луѓето читаат книги и понекогаш се обидуваат да го имитираат тоа, што го прочитале – одат кај некој надлежен свештеник или монах и им го наметнуваат тој модел...
Во Црквата сите сме членови на Телото. Ако секој член си го знае своето место и можностите, тој е почитуван од сите. Но, кога земаме на себе нешта многу поголеми од своите можности, почнуваме да саботираме. Всушност, започнуваме да го рушиме Телото. Ете – јас знам, дека не сум пророк. Ако започнам да пророкувам, ќе ѝ нанесам штета на Црквата. Но, ако сум на чисто со својот скромен духовен опит и работам согласно на своето ниско ниво, можам да сум од полза за мнозина. Затоа е многу важно секој да си ја знае мерата и да не се занимава со нешта надвор и над себе. Многу од трагедиите во нашата Црква произлегуваат од тоа што многу се обидуваат да бидат пророци и да практикуваат дарови, коишто се над нивната мера.
Бевме многу импресионирани од практикувањето на Исусовата молитва во вашиот манастир. Ние сме научени да ја сметаме за нешто длабоко лично. Тука видовме дека се практикува како заедничка молитва. Ги охрабрувате ли луѓето да ја употребуваат таа молитва – за вас, дали воопшто тоа прашање е пастирско?
Никого не присилуваме да ја практикува таа молитва, но ние ја практикуваме, бидејќи во неа сме виделе голема полза за себе и тоа е така од многу одамна. Но, не се препорачуваме како некаков пример којшто луѓето треба да го следат. Знаеме, исто така, дека нема посилна молитва од таа со Името Христово, бидејќи нема поголемо Име под небото, дадено на луѓето, преку Коешто се спасуваме.
Едно прашање за исповедта. Малку книги можеме да прочитаме за тоа. Многу луѓе не одат на исповед и едноставно не се доверуваат на конкретен свештеник. Ако немаме друг избор, како треба да ги прифаќаме советите на свештеникот кога ни е тешко да го прифатиме како духовен човек? Кога тој ја извршува Тајната? Треба ли да продолжиме да бараме, или во краен случај тие субјективни критериуми немаат значење?
Мислам дека имаат значење. Отците ни препорачуваат да најдеме некој, којшто може и сака да ни помогне. Има такви, коишто можат, но не сакаат, и други, коишто сакаат, но не можат. Само човек, којшто и може, и сака, е во состојба да го забрза процесот на нашето исцеление. Личното сочувство на свештеникот го забрзува тој процес. И иако прашањето за времето за исцеление е релевантно, тоа може да биде забрзано од свештеник којшто има личен однос кон покајникот и којшто е расположен да работи трпеливо заедно со него, да се моли и да знае што се случува во душата на човекот.
Дали станува збор само за забрзување или за апсолутно неопходен услов за обновување на личноста?
Никој не може да биде прероден без таинството на покајанието и исповедта. Едноставно е: Христос нѐ спаси преку страдање на Крстот на срамот. Тој ја знае нашата состојба. Кога одиме на исповед го испитуваме (ставаме на тест) срамот заради Неговите заповеди – бидејќи сме паднале и не сме се придржувале до нив, треба да се помириме со Него. Тој срам е изобразување на срамот којшто Тој го истрпел заради нашето спасение. И преку тој срам Тој ни дава благодат и ни го обновува животот.
Срцето го изнесува срамот на површината. Тој го смирува срцето и го отвора, за да ја прими благодатта на помирувањето и исцелувањето.
...И тој срам треба да биде испитан пред друго човечко суштество? Не можеме да кажеме: Немам потреба од друг човек, за да се исповедам, бидејќи се исповедам дирекно пред Бога?
Да. Затоа не можеме да се исповедаме пред икона. Треба да се исповедаме пред друг член на Црквата, сличен по страстите на нас самите. Само така срцето ни се засрамува и смирува и станува способно да ја привлече Божјата благодат. Само на такви срца Бог им ја дава Својата благодат.
Во една ваша статија Вие пишувате за тој срам. Но на друго место прочитавме дека во исповедта човекот треба да го отсече гревот од себе, да го „екстернира“ како нешто надворешно од себе. Тогаш срамот, како пониско ниво на покајание ли е? Некои автори пишуваат дека само откако ќе го надминеш срамот си подготвен за исповед. Може ли воопшто да се отуѓиш од сопствениот срам до степен, кога ќе го почувствуваш како нешто надворешно од себе, или тоа е невозможно и човекот секогаш го носи срамот во себе?
Срамот доаѓа од срцето. Господ Го бараме во нашето срце. Таму е согорувањето и срамот излегува од срцето на површината. Кога има срам, има и срце. Кога има покајание, има и болка. Болката ни помага да го пронајдеме срцето. И тоа се однесува не само на болката од срамот, но и од секоја болка – од несправедливостите на пример. Или дури и од болката од физичкото страдање, од болестите. Ако ја прифаќаме таа болка со благодарност и трпение, таа ни помага да го пронајдеме срцето.
За нас тоа наоѓање на срцето е многу важно бидејќи основна цел на духовниот пат е да го соединиме срцето со умот. Тогаш Господ наоѓа место за Себе во нашето срце и Си го поставува тронот во него. До тоа не може да дојде ако умот не е на своето место, во срцето, за оттаму да Му оддаде слава на Бога, на Царот, Којшто се зацарува таму. Но за да се симне умот во срцето, тој, умот, треба да биде распнат. До тоа распнување доаѓа со подвигот да го држиме својот ум во хармонија со заповедите на Евангелието. Тогаш умот потонува во срцето и се наоѓа во смирение, а срцето се отвора за благодатта.
Манастирот на св. Јован Крстител во Есекс Ковчегот на Ное, мозаик изработен од Старец Софрониј
Монашките келии Молебен на гробот на Старец Софрониј
Параклис Фреска од параклисот
Келијата на Старец Софрониј Мозаик на свети Никола од задната страна на конакот
Просторија со фрески од житието на Старец Силуан
Извор: списание „Мирна“, бр. 31