Варење на Свето Миро во Цариградската Патријаршија во Фанар (13.04.2012)
На Велика среда се заврши процедурата на подготовка на Светото Миро во Вселенската Патријаршија, во Фанар.
„Варењето“, како што е точниот термин за подготовката и осветувањето на Мирото (кое што претставува значаен символ на Православието), се извршува отприлика на секои 10 години за време на Великата (Страдална) седмица во Вселенската Патријаршија.
Вчера заврши во присуство на Вселенскиот патријарх, кој што по трет пат во неговата архиерејска служба учествуваше во подготовката на Светото Миро. Г. Вартоломеј извршувајќи осветување на поставените неопходни работи, стави оган во печките за да го приготват Мирото.
Во Православната Црква Светото Миро се употребува при крштевањето и го символизира предавањето на Светиот Дух на новопросветлените православни.
Се подготвува од ароматични билки (билки со лековити својства) и етерични масла. Составните делови, со различни нијанси и додатоци, се опишуваат во посебни каталози од 8 до 19 век.
Кога ќе заврши процедурата, Мирото се префрла во големи сребрени амфори, како и во мали сребрени алабастарни садови.
На Велики Четврток, со литија се пренесуваат во патријаршискиот параклис на Свети Андреј. 24 свештеници ги носат 12-те амфори, а 35 архиереи ги држат алабастарните садови. Патријархот го држи сребрениот сад.
Следи Божествената Литургија, со која началствува Патријархот, за осветување на Мирото. Амфорите и останатите садови се поставуваат околу и на Светата Трпеза. На крајот од Литургијата, пак со литија, садовите се пренесуваат во Мирохранилницата на Патријаршијата.
Во свештенодејствието учествуваат митрополити на Синодот на Вселенската Патријаршија и епископи од сите Православни Цркви, кои што за време на „варењето“ се менуваат и читаат делови од Евангелието.
Во текот на 20 век во Фанар Мирото се подготвувало 9 пати, и еднаш во 21 век.
Извор: Ромфеа