Митрополит Иларион Алфеев: Најважното за Македонската Црква е да се врати на канонското поле (29.04.2012)
Најважно за Македонската Православна Црква е да се врати на канонското поле. Ова го рече Митрополитот Иларион Алфеев, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Руската Православна Црква во интервју за Бугарското национално радио „Недела 150“. Според неговите зборови, постојат многу модели на црковно устројство со коишто без задолжително признавање на автокефалност, може фактички да ѝ се даде на Црквата самостојност.
„Сметам, дека не треба да се држиме за тие грчки термини како автокефалност и автономија. Неопходно е да се создаде таков модел којшто е прифатлив за Македонската Црква, но којшто ќе овозможи таа да се наоѓа во општење со канонските Православни Цркви, а не да биде надвор од тој процес, како што е во моментов“, рече Митрополитот Иларион.
Според него, ова прашање треба да се решава пред сѐ во дијалог помеѓу Српската и Македонската Православна Црква, од којашто се оделила.
„Руската Православна Црква секогаш е подготвена да помага во овој процес и да предлага решенија коишто се засноваат на нашиот сопствен опит во надминување на расколите“ – рече Митрополитот Иларион.
Извор: Дверибг.нет