Рускиот Патријарх Кирил се сретна со Бугарскиот Патријарх Максим (02.05.2012)
Во петокот, 27 април, во резиденцијата на Синодот на Бугарската Православна Црква во Софија, Патријархот Московски и на цела Русија Кирил се сретна со Бугарскиот Патријарх Максим и членовите на Светиот Синод на Бугарската Црква.
Во текот на разговорот Патријарсите ги разгледуваа перспективите за проширување на соработката меѓу двете Цркви, меѓу останатото, на полињата на богословското образование и поклоничките патувања. Разменети се и мислења за основните принципи на меѓуправославната соработка, првенствено во контекст на подготовка за Сеправославен собор.
После разговорот, во Синодската палата беше организирана церемонија на која на Патријархот Кирил му беше врачен орден на светиот благоверен цар Борис, највисоко одликување во Бугарската Патријаршија. За време на доделувањето, патријархот Максим рече: „Ваша Светост, се сеќаваме уште како млад клирик на Московската Патријаршија, како под раководството на опитни учители растевте на благословеното поле на билатералните и меѓуправославни односи, ревносно исполнувајќи го послушанието кое Вам Ви го довери Руската Православна Црква. Имавме чест да се сретнеме со Вас и како архимандрит, епископ, архиепископ и митрополит“. Според зборовите на Патријархот Максим, веста за изборот на митрополитот Калинградски Кирил за претстојател на Руската Црква, него и собраќата архиереи ги исполнила со „голема радост и надеж за двете наши сестрински Цркви и целото Православие“.