Рускиот Патријарх Кирил го повика бугарскиот премиер да ја заснова својата политика на православните христијански вредности (04.05.2012)
Рускиот Патријарх Кирил придава голема важност на тоа дека бугарскиот премиер г. Бојко Борисов е православен христијанин.
„Се радувам на Вашиот православен избор и Ви посакувам Божја помош во Вашата служба и тоа дека вашата врска со Православната Црква ќе се манифестира меѓу останатото и во заштита на православните вредности“, рече Патријархот при средбата со Борисов во Софија во саботата, на 28 април 2012 г.
Тој ја нагласи важноста од тоа дека Б. Борисов е православен изјавувајќи дека Православието – тоа не се „само обичаи, традиција“, туку поглед на свет, систем на вредности.
„Многу е важно овој систем на вредности современите луѓе, вклучувајќи ги и политичарите, да го сметаат не како нешто архаично, како почитуван дел од минатото, туку како нешто на што човекот може да го заснова својот живот, дејствителност во која било ера, затоа што во основата на православното предание е словото Божјо, а тоа е секогаш актуелно“ – истакна поглаварот.
Тој го нарече премиерот енергичен човек „со активен начин на живот, со добри мисли за развојот на земјата“, и кој ја ужива поддршката од народот.
Според зборовите на патријархот, една од опасностите на христијанската цивилизација денес, вклучувајќи ја и европската, е тоа што христијанските вредности се прифаќаат „како нешто што имало значење во минатото и престануваат денес да бидат актуелни“.
„И овие вредности се потиснуваат со нови вредности коишто не се поврзани со христијанската традиција и коишто прогласуваат во прв ред потполна автономија на човековата личност и способност на човекот самиот да определи што е добро а што лошо. Тоа се нарекува слобода, но во ваквото поимање на слободата е големата опасност, бидејќи колку глави, толку и умови“, рече Патријархот Кирил.
Тој укажа на тоа дека доколку не постои заедничко поимање на тоа што е добро а што е лошо, човечкото општество „ќе се распарчи, и ќе стане лесно контролирано од информациите, финансиските текови“. Оттаму, раст на престапи, морална криза, распад на семејствата, алкохолизам, наркоманија, жестокост.
„Родителите го убиле своето дете, или децата ги убиле своите родители, или човекот од улица доаѓа и ги убива децата во училиштето. И сите се прашуваат: како е тоа возможно? Сѐ е возможно ако секој човек има свое разбирање за она што е добро и за она што е лошо. Задачата на Црквата и државата се состои во тоа да поддржува заеднички систем на вредности“.
Патријархот смета дека основните прашања поврзани со човековата личност и со тоа што му се случува на современиот човек, „се должни да бидат во центарот на вниманието на секој политичар“.
Премиерот Бојко Борисов при средбата со Рускиот Патријарх Кирил изјави дека ќе му наложи на министерот за образование да го разгледа искуството од предавањето во руските училишта на предметот „Основи на религиозните култури и светската етика“. Ова тој го рече откако Патријархот Кирил го запозна со опитот од предавањето на веронауката во руските училишта, историјата на воведувањето на предметот и особеностите на подготовката на предавачите. Предметот „Основи на религиите и светската етика“ во неколку варијанти беше воведен во оваа учебна година во сите училишта во Руската Федерација, најпрво само меѓу учениците во 4-то одделение.
„Кога станав Патријарх, јас ги систематизирав сите аргументи „против“ (посебно предавање на основите на традиционалните религии во училиштата) и му предложив на претседателот модел којшто потполно одговараше на Уставот на Русија, на законот и меѓународните ангажмани на нашата земја, на правата на човекот и правото на човекот за религиозен избор“, рече поглаварот на Руската Црква. Тој го оцени овој експеримент во руските училишта како „апсолутно позитивен“ и поради таа причина од оваа година тој ќе се предава во сите училишта во Русија.
Извор: Интерфакс