Свештеничко собрание на Грчката Православна Црква
 
 
 
 
 

Свештеничко собрание на Грчката Православна Црква (19.05.2012)

Во четвртокот, 17 мај, во Атина се одржа свештеничко собрание под претседателство на Атинскиот архиепископ Иероним. Во говорот пред свештениците, тој се задржа на неколку основни теми – духовните размери на кризата, социјалната дејност на Црквата и односите меѓу клириците во епархијата.

Во врска со кризата во Грција Архипископот Иероним рече: „Денес има многу кризи, коишто е невозможно да не влијаат на Црквата, бидејќи ние, исто така сме дел од светот. Но, нека не ви биде чудно што има криза, бидејќи живееме во егоцентризам и не знаеме каква е смислата на животот. Експлоатирањето на човекот од друг човек веќе стана систем и ние (во Црквата), исто така, учествуваме во неговото создавање. Во духовна криза сме, а не економска, бидејќи Го оставивме Бога“, забележа архиепископот Иероним.

Во врска со проблемите во епархијата, архиепископот Иероним рече: „Архиепископот не е полицаец, за да казнува, туку отец, за да љуби, да простува и да им помага на своите деца“. Во врска со „послушанието“ на клириците тој истакна: „Не го пројавуваме послушанието во сѐ што ни кажува Отецот, туку само каде што сакаме, но и не се однесуваме со внимание кон сѐ што Тој бара“. Архиепископот го нагласи големиот проблем којшто се сретнува во соработката со свештениците, имено, дека во Атина има 600 свештеници, а тој работи само со 150 и во таков случај „можеби е добро свештениците во атинските храмови да се намалат.“

Во врска со социјалната дејност, Архиепископот Иероним истакна дека целта на Црквата не е да стане социјално министерство и ако социјалните прицрковни установи не работат на основите на љубовта, како што учи православното предание, тогаш тие се излишни.

 

Извор: Двери.бг