Грузиската Православна Црква го одбележa денот на света Нина Просветителката (03.06.2012 15:41)
На 1 јуни во Грузија се одбележа „Нинооба“ – Денот на света Нина, којашто ја донесе светлината на христијанството во Грузија. Грузиската Православна Црква си спомнува за света Нина двапати во годината: на 27 јануари – денот на нејзиното упокојување, и на 1 јуни – денот на нејзиното доаѓање во Грузија. Во сите православни грузиски цркви беа отслужени свечени богослужби. Во соборниот храм Самеба (Пресвета Троица) празничната служба беше чиноначалствувана од Грузискиот Патријарх Илија II, соопшти весникот „Тбилисская неделя“.
Во Тбилиси, во Сионскиот соборен храм Успение на Пресвета Богородица се чува една од најголемите христијански светии – крст од винова лоза, испреплетен со косата на света Нина. Тој беше изнесен и можеше да се види.
Светата рамноапостолна Нина, просветителката на Грузија, е родена околу 280 г. во Коластри, во Кападокија, каде имало многу грузиски населби. Откако нејзиниот татко заминал во пустина, а мајка ѝ станала ѓакониса, Нина била дадена на воспитување кај благочестива жена.Честите приказни за нејзината Иверија (сега Грузија), тогаш сѐ уште паганска земја, кај Нина предизвикале силна желба да ја посети таа земја и да ги просветли нејзините жители со Светото Писмо. И нејзината желба се исполнила, кога таа морала да бега во Иверија, за да се спаси од гонењата извршени од императорот Диоклецијан.
Света Нина им помагала на многумина кои страдале. Со повикување на Христовото име, таа ги исцелувала и им раскажувала за Бога, Создателот на небото и земјата, и за Христос Спасителот. Проповедите за Христос, чудата, коишто ги извршувала света Нина, и нејзиниот добродетелен живот, благотворно дејствувале врз жителите на Иверија, и многумина од нив поверувале во Вистинскиот Бог и се крстиле. Таа во Грузија го обратила кон Христос и царот Мариан, кој претходно бил незнабожец. Постепено, речиси цела Иверија го прифатила христијанството и бил изграден првиот храм во Иверија посветен на светите Апостоли.
После 35-годишни подвизи света Нина мирно се упокоила на 14 јануари 335 г. На местото на нејзината смрт царот Мариан изградил храм посветен на великомаченикот Георгиј, далечен роднина на света Нина. Само во главниот град на Грузија постојат пет цркви, подигнати во чест на света Нина, во кои „Нинооба“ се одбележува многу свечено. На тој ден празнични служби се одржуваат и во сите останати православни храмови во земјата.
Света Нина во Грузија ја почитуваат како просветителка и небесна покровителка. Секоја година во лето, голема група од деца и млади прават поклонение по стапките на рамноапостолната просветителка на Грузија. Маршрутата целосно соодветствува на патот по кој одела света Нина по нејзиното доаѓање во Грузија.
извор на света Нина, манастир Бодбе патеката на света Нина
Извор: Седмица.ру