Свештеникот Фјодор Коњухов се подготвува да го превесла Тихиот океан
 
 
 
 
 

Свештеникот Фјодор Коњухов се подготвува да го превесла Тихиот океан (09.06.2012 18:48)

Свештеникот Фјодор Коњухов, низ целиот свет познатиот патник, се подготвува за нова експедиција.

„Пред десет години го препловив Атланскиот океан со чамец со весла. Ме мачеше совеста дека морам да го препловам и Тихиот океан. Но Атлантикот е три илјади милји, а Тихиот океан – осум. Потребен е нов чамец, поголем и појак. Им раскажав на пријателите од Челабинската област за овој мој сон и тие ме поддржаа“, рече о. Фјодор, како што пренесува челабинското издание „Космолска правда“.

Во план му е да тргне од Чиле и за 160-180 дена да стигне во Австралија.

„Такво нешто сѐ уште никој не направил. По патот ќе има илјадници острови и ќе бидам во искушение да се согласам сѐ да истоварам на копно. На море нема време за размислување, мора постојано да се весла. Затоа на патот преку Атлантикот напишав толку краток дневник. А на ова патешествие, освен храна и дестилирана вода, ќе понесам и Евангелие и трска за ловење риби. Риболовот е пријатен, а и корисен“, вели свештеникот.

Отец Фјодор неодамна го освои Еверест, од северната тибетска страна.

„На врвот нема никакви мисли, а како да ги има кога крвта е толку згусната од недостаток на кислород, не ги чувствуваш ни рацете, ни нозете, за главата и да не зборувам. Му се молев на св. Никола, велев: Св. Никола, повлечи ме нагоре! И тој ме извлече на врвот. На овој поход изгубив осум килограми, целата брада ми се искуба од маската за кислород. Но тоа не е ништо во споредба со она што може да се случи. Еверест секоја година зема алпинисти. Оваа година загинаа  единаесет“, раскажува отец Фјодор.

После неговите зборови, да се искачиш на Еверест не е само физички напор.

„Јас сум слаб, немам мускули. Никој не ме видел да кревам тегови. Но ме виделе како се молам. Она што го правам, го правам со Божја помош. Јас немам ниту физички, ни морални, ни интелектуални способности да го препловам океанот или да стигнам до пола. Сето тоа е можно само со Бога. Во Тибет закопав мала икона на св. Никола во снегот. Неодамна слична икона пративме на Меѓународната вселенска станица. Таа секој ден шеснаесет пати ја заобиколува Земјата и нѐ чува“, кажува свештеникот Коњухов.