Во Киев свечено се прослави празникот на светиот кнез Владимир (29.07.2012 17:07)
Во саботата, 28 јули, на празникот на светиот кнез Владимир Руски, Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и Неговото Блаженство Митрополитот Киевски Владимир отслужија Божествена Литургија на плоштадот пред Успенскиот храм на Киево-Печерската Лавра.
На светата служба сослужуваа и претставници на другите Помесни Цркви: од Константинополската – Митрополитот Галски Емануил, од Александриската – Митрополитот Аксумски Петар, Антиохиската – Епископот Филиполски Нифонт, Ерусалимската – Архиепископот Јодрански Теофилакт, Грузијската – Митрополитот Зугдидски и Цахшиски Герасим, Српската – Епископот Бачки Иринеј, Бугарската – Митрополитот Ловчански Гаврил и Епископот Знеполски Јован, Кипарската – Митрополитот Констанциски и Амохостски Василиј, Грчката – Митополитот Месогијски и Лавротикијски Николај, Полската – Архиепископот Љублински и Холмски Авел, Православната Црква на чешките земји и Словачка – Епископот Годонијски Јоаким, Православната Црква во Америка – Архиепископот Толедски и на Бугарските епархии Александар, како и членови на Светиот Синод на Руската Православна Црква, архиереи на Украинската Православна Црква, свештенството на Киевската епархија и гостите со свештенички чин.
На крајот од богослужењето Митрополитот Владимир се обрати кон Патријархот Кирил со поздравно слово: „Ваша Светост, Владико-отец, драг Владико, браќа и сестри! Денес во Лаврата нѐ собра, на чело со Неговата Светост Патријархот Кирил, светиот рамноапостолен кнез Владимир, кој се грижи за спасението на нашите души, да не загинат, туку да влезат во вечниот живот. Сите овде присутни, откако ги слушнаа камбаните, побрзаа за да ги поделат своите тешкотии и своите успеси со Бога, и да ги послушаат Неговите заповеди. Ваша Светост, срдечно Ви благодариме што дојдовте на оваа прослава, да ја зајакнете нашата вера, да ни ја дадете надежта, која ни помага со страв да Му служиме на Бога и да ја достигнеме заедницата со Него. Ви благодариме што давате сѐ од себе за Вам довереното руско стадо, во кое спаѓа и украинското, да се утврди во евангелскиот завет и да ги исполнува Неговите заповеди. Ве очекуваме и следната година на овој празник“.
Поглаварот на Руската Православна Црква на Митрополитот Владимир му го честиташе именденот и 20-годишнината од службата на Киевската катедра, посебно обрнувајќи внимание на службата на Неговото Блаженство на тронот на Киевските Митополити: „Се сеќавам на состојбата на својата душа, иако тогаш не бев во Киев, знаејќи дека идниот Блажен Владика му се приближува на градот Киев. Моето срце се радуваше како и срцата на милион луѓе на таа свечена средба, таа љубов, која тогаш му ја укажавте на Поглаварот во име на зачувување на Божјата вистина, за да можат овците да го чујат гласот на Спасителот Христос.
И сега, гледајќи го Неговото Блаженство, Митрополитот кој стана од одарот на тешката болест, слушајќи како кажува мудри, убави зборови, гледајќи како повторно, во потполност, ја прифаќа својата служба на пастир, Му се заблагодарувам на Господ за таквата милост. Дај Боже, Вашиот глас, гласот на просветителот на Украинската Православна Црква, да ги повикува луѓето секогаш да го слушаат и разбираат гласот на Спасителот Христос“.
За неговиот труд во службата на Поглавар на Украинската Православна Црква, Патријархот Кирил го одликува Митрополитот Владимир со орден од I ред на свети Инокентиј, Миторолитот Московски и Коломенски.
Извор: Патриархиа.ру