Предвкус на небесното Царство – интервју со Митрополитот на Молдавија и Буковина Теофан (09.08.2012 21:04)
- Владико, колку манастири има денес во Романија и какво е значењето на монашкиот живот?
- 420 манастири. Тука спаѓаат и малите скитови во кои се подвизуваат не повеќе од седум монаси и големите заедници, кои имаат 300-400 жители. Сѐ на сѐ, во Романија има околу 9000 монаси.
Монаштвото во Романија, како и секаде, овозможува да се појде по еден од двата пата, со помош на кои човекот може да го достигне небесното Царство (вториот пат е благочестив живот во светот како воцрковен христијанин). Господ им го оставил на луѓето монаштвото за уште во овој свет да можат, во видлива форма, да имаат предвкус на небесниот живот.
- Познато е дека за време на комунистичкиот режим со монаштвото во Романија лошо се постпуваше.
- Положбата на монаштвото во временскиот период меѓу 1945 и 1990 година се менувала неколку пати. Може да се зборува за три периоди. Првиот – за годините 1945-1959. Тогаш имало парадоксална ситуација, затоа што во манастирите доаѓале многумина кои сакале монашки да се подвизуваат, бројот на монасите и монахињите како да се зголемувал, но властите започнале со репресии против верниците, и многу што монахувале, како и парохиските свештеници, биле фрлени во затвор.
Во 1959 година приближно 200 манастири биле затворени, а од тие што останале, биле протерани повеќето од монасите, претежно младите. Од таа година започнува вториот период, којшто траел до 1964 година. Тоа бил најболниот период за историјата на монаштвото во комунистичкото време.
Од 1964 до 1990 година се забележува попуштање во гонењето на монаштвото. Во тоа време одново биле отворени неколку манастири и во нив се вратиле прогонетите монаси, кои биле пуштени од затворите.
- Успеавме ли да ја зачуваме монашката традиција?
- Во манастирскиот живот, како и во парохискиот, ние секогаш сме го чувале континуитетот. Парохиските цркви малку биле затворени, но во секое населено место имало свештеник, затоа немало проблем со духовништвото, коешто крштевало, венчавало и погребувало.
Во 1990 година во Романија ретко каде можело да се сретне некрстен човек. Во исто време, притисок на комунистичкиот режим врз Црквата бил секаде присутен. Било многу тешко да се добие дозвола за изградба на цркви. Сепак, и покрај тоа, Црквата смело изградила околу 700 храмови. Се издавале православни книги, но во многу мали тиражи, кои не можеле да ја задоволат постојаната побарувачка. Имало богословски школи: два факултета при универзитетите и шест средни училишта. Но бројот на дипломираните на тие духовни школи не ги задоволувал потребите на Црквата од свештеници. Црквата имала можност слободно да служи Литургија, но било тешко да се проповеда Евангелито во училиштата, армијата, затворите; тоа морало да се прави тајно, скришум.
Но, слава Му на Бога, успеало да се зачува најважното: црквите биле отворени, свештениците служеле Литургија, крштевале, исповедале, венчавале и погребувале. Ние секогаш сме ја имале Божјата помош.
- Денес во романските манастири можат да се видат многу млади, образовани и во основа луѓе оформени како личности. Со што ги привлекува монаштвото?
- Реално нема доволен број, коишто би ја задоволиле неопходноста и потребата за мисионерство. Во последно време се зголеми бројот на нови манастири, а бројот на жителите во нив се намали.
Што ги води младите луѓе кон монаштвото? Тие кои го избираат патот на монашкиот живот, на прво место го следат внатрешниот повик целосно себеси да Му се посветат на Господ. Токму од истите причини се оди во манстир и во Русија и во другите земји. Тоа е прво. Како второ, нашата традиција на старештвото. Имаме многу прекрасни подвижници, слова и животни примери, коишто ги привлекуваат кон монаштвото тие кои ги слушнале и виделе. И како трето, во Романија постои многувековна традиција на присуството на монаштвото во духовниот, културниот и образовниот живот на општеството. Манастирите дале огромен придонес за развојот на романското општество, и затоа е многу природно, во земјата во која живеат 20 милиони православни луѓе, да има неколку илјади, коишто за себе го одбрале монашкиот пат, за целиот свој живот да Му го посветат на Бога.
- Каква е улогата на манастирите во денешна Романија?
- Мислам дека улогата која ја имаат не е многу различна од онаа којашто манастирите секогаш ја имале. Монаштвото е предвкус на небесното Царство во овој живот. Монаштвото на некој начин е образ на небесниот живот.
Во исто време, манастирот е место, каде православните стекнуваат целовитост; тука тие можат да се соединат во еден ум и една душа на неколку часови или неколку денови, и потоа, наполнети со манастирската светлина и молитва, да се вратат во светот, во семејството, и со нови сили низ животниот пат да го носат својот крст.
Неколку манастири имаат специфични функции: тие издаваат книги, имаат духовни училишта за младите монаси и монахињи, во различни форми имаат социјални услуги. Но има малку такви манастири, бидејќи најважното за тие што живеат во манастирите е молитвената помош, живот според примерот на Христовиот живот и проповед на Божјото слово.
Имено, затоа целата работа на Црквата со социјални, културни и образовни програми, по правило, ја спроведуваат свештениците во просториите на епархиите.
- Дали монаштвото се одзива на социјалните проблеми на современиот живот?
- Не мислам дека монасите и монахињите треба непосредно да учествуваат во решавањето на тие проблеми. Тие треба да се молат за целиот свет, вклучувајќи ги и луѓето, кај кои се јавуваат таквите проблеми. Позицијата на Романската Црква кон тие прашања ја соопштуваат ерарсите и богословските училишта.
Се разбира, има манастири, коишто на некој начин одговараат на тие предизвици, нешто преземаат. И тоа нивно учество ѝ помага на Црквата во нејзината борба против тие негативни општествени појави, затоа што во ситуации кога црковната ерархија не го кажува својот став кон некои предизвици, се појавуваат проблеми.
Постојат и монаси, коишто, на пример, се ангажирани со пастирска грижа во затворите, работат со армијата, но тоа се посебни случаи. Во основа, ваквите активности се извршуваат преку парохиски или специјални црковни структури.
- Во комунистичкото време романската младина била искушувана од атеизмот, којшто предлагал да се заборави Бог заради социјалната справедливост. Денес, пред христијанските народи кои живеат во поранешните социјалистички земји, стои ново искушение: се нуди убаво устроен живот на материјален план, но за возврат се бара уште поголемо отстапување од Христос. Дали ромаската младина пред која стои богатството и комфорот како искушение, може да се самореализира?
- Тоа искушение стоело пред Христовата Црква уште од нејзиното основање. Имало особено тешки времиња, имало и полесни. Денес најголемата опасност е во тоа што границата меѓу доброто и злото, меѓу нормалното и ненормалното станува сѐ повеќе невидлива. И на младиот човек му е многу тешко да се бори со тоа. Гревовите секогаш ги имало, но порано, оние кои ги извршувале биле свесни за тоа. Во последните десет години, кон гревот се однесуваат на друг начин. Доброто се смешало со злото, и на луѓето им станува тешко да го одделат едното од другото. Јас гледам дека им е тешко на младите да се пронајдат себеси, својот пат. Друго големо современо искушение е релативизацијата на евангелското значење и Христовото слово. И излегува дека ти можеш да се сметаш себеси за христијанин, но да не живееш според Евангелието. Порано тоа било невозможно; ќе повторам: била видлива границата меѓу доброто и злото. Затоа современиот млад човек, којшто ќе се потруди да ги реши тие проблеми, ќе има големо дотоинство пред Бога, затоа што многу е тешко да го најде својот пат кон Бога. Би било идеално, кога повеќе млади би умееле да се ползуваат од достигнувањата и успесите на економијата и прогресот, но притоа да останат во пазувите на Црквата. Ние во историјата имаме примери на луѓе, кои биле материјално обезбедени, но и покрај тоа многу блиски со Бога, такви биле Авраам, Јов, царот Давид... Идејата не е во тоа, оние кои живеат во современото општество – зборувам за семејниот живот, а не за монашкиот – целосно да се откажат од материјалното богатство и да водат христијански живот, туку во тоа, да бидат вистински христијани, дури и ако се бизнисмени, професори, војници или политичари.
- Владико, за крај на нашиот разговор, што би сакале да им посакате на читателите?
- На воцрковените, уште повеќе да се задлабочат во животот во Христос за здобивање на Светиот Дух. А на тие кои не се во Црквата, им посакувам со помош на Господ да им се открие патот кон Него за да имаат реален живот на земјата и да добијат благослов да бидат во Божјото Царство на вечниот живот.