Во Ерусалим се одбележа празникот Успение на Пресвета Богородица
 
 
 
 
 

Во Ерусалим се одбележа празникот Успение на Пресвета Богородица (31.08.2012 10:54)

Според ерусалимската традиција за поважни богослужби, одбележувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица започнува три дена пред самиот празник. Таа традиција доаѓа оттаму што согласно Преданието на три дена пред Успението на Пресвета Богородица Ѝ се јавил архангел Гаврил и Ѝ соопштил за Нејзината престојна средба со Божественот Син.

Во Гетсиманскиот двор (Мала Гетсиманија), кој се наоѓа пред влезот во храмот на Господовиот гроб, се чува плаштаницата на Божјата Мајка од Нејзиното успение. На 25 август во Малата Гетсиманија се отслужи ноќна Литургија, после која со плаштаницата на Божјата Мајка беше направена литија по улиците на Стариот град до Гетсиманската гробница, подобно на тоа како што некогаш апостолите на чудесен начин истовремено се собраа во Ерусалим и го носеа од Сион до Гетсиманија телото на Божјата Мајка.

Поворката беше предводена од игуменот на Гетсиманскиот двор при Ерусалимската Патријаршија. Тој на своите плеќи ја носеше плаштаницата на Пресвета Богородица, а напред со свеќи одеа монахињите од ерусалимските манастири и свештенослужителите. Од Руската духовна мисија во литијата учествуваа раководителот на мисијата архимадрит Исидор и секретарот јеромонах Антониј.

Придружена од ангелското пеење на монашкиот хор поворката се движеше по Крсниот пат на Господ Исус Христос и со првите зраци на сонцето дојде до Гетсиманската гробница. Во кукувлијата кадешто било погребано Пречистото Тело на Пресвета Богородица се постави плаштаницата, којашто ќе биде тука до Одданието на празникот Успение.

Во очи празникот Успение, на 27 август, Неговото Блаженство Патријархот на светиот град Ерусалим и цела Палестина Теофил III го изврши чинот на погребение на Божјата Мајка во Гетсиманскиот храм. Ноќта на 17 август во храмот Света Троица при Руската духовна мисија се отслужи сеноќно бдение со чинот на погребение на Божјата Мајка, коешто беше возглавено од архимандрит Исидор.

На 28 август, денот кога се празнува Успението на Пресвета Богородица, Неговото Блаженство Патријархот на светиот град Ерусалим и цела Палестина Теофил III отслужи празнична Божествена Литургија во Гетсиманскиот храм. Нему му сослужуваа ерарсите од Ерусалимската Црква: Капитолиатскиот Митрополит Аристарх, раководителот на Руската духовна мисија архимадритот Исидор, клириците од Ерусалимстата Патријаршија и свештенослужителите-поклоници, соопшти прес-службата на Руската духовна мисија во Ерусалим.

 

       

 

Извор: Православие.ру