Рускиот Патријарх Кирил: „Денешните луѓе не сакаат да имаат никакви норми“
 
 
 
 
 

Рускиот Патријарх Кирил: „Денешните луѓе не сакаат да имаат никакви норми“ (10.09.2012 10:50)

На 6 септември 2012 г., денот кога се прославува пренесувањето на моштите на св. Петар Московски, Неговата Светост Московскиот Патријарх и на цела Русија Кирил чиноначалствуваше со Божествената Литургија во Патријаршискиот соборен храм Успение во Кремљ.

По завршувањето на богослужбата Поглаварот на Руската Црква се обрати кон присутните со беседа во која, меѓу другото, посвети посебно внимание на улогата на Црквата за зачувување на животот во општествените норми и Божјите заповеди.

„Тоа што денес се случува во животот на Руската Црква“, рече Патријархот, „од една страна, се јавува како нешто ново, затоа што ние влеговме во една совршено нов, за нас, период на историски настани, во нова, невидена културна, психолошка и политичка средина. Но Црквата во своето пастирско служење не прави ништо поразлично од минатото, затоа што Црквата е чувар на Преданието, а Преданието во себе содржи норма на верување и норма на живот“.

„Денес“ истакна Поглаварот, „луѓето не сакаат да имаат никакви норми, ни морални, ни духовни, ниту културни. Многумина веруваат дека почетокот и крајот на сѐ е човековата личност: човекот сам си ги определува нормите за верување и живот, и според нив не постои повисока сила, која би ги санкционирала“.

„Луѓето, коишто така живеат, се луѓе кои не веруваат во Бога, тие дури и себеси се нарекуваат така, бидејќи верата е поврзана со прифаќањето на тие норми, коишто Бог ни ги предал преку Своето откровение. Тие Божји заповеди, тој начин на живот, го води човекот кон спасение. Без разлика на она што ни се случувало низ историјата, Црквата е повикана да ги заштитува тие норми; не измислени од луѓето, туку од Бога предадени на човечкиот род. И затоа сето она што денес се прави во Црквата, оди во насока на заштита на нормите на верата и животот, втиснати во нашето свето Предание. Истовремено, ние мораме да се научиме да им помагаме на луѓето, родени надвор од таа културна средина и надвор од црковните традиции -  тоа значи да се биде христијанин, православен човек во современиот живот“, заклучи Поглаварот на Руската Црква.

 

Извор: Православие.ру