Украинската Црква има нов светител – старецот Илија Пророк
 
 
 
 
 

Украинската Црква има нов светител – старецот Илија Пророк (24.09.2012 10:06)

На 23 септември Украинската Православна Црква го вброи во диптихот на светите старецот схимонах Илија Пророк (Макeeвски). Во градот Макеевка (на укр. Макиивка), Донска област, Украина, беше отслужена света Литургија и литијa во чест на новиот светец. Канонизацијата ја изврши поглаварот на УПЦ митрополит Владимир Киевски, егзарх на Украина.

 

Схимонахот Илија (1837-1946 г.) е прочуен по својата прозорливост и исцеленија. Дури и во времето на советскиот режим кај него доаѓале поклоници кои молеле да бидат излекувани. Светиот долго време се подвизувал на Света Гора, во рускиот скит "Св. пророк Илија" (кој пред 15-ина години беше одземен од Русите и сега во него се подвизуваат грчки монаси - б. р). По напуштањето на Света Гора, монахот Илија заминал во родниот крај и отишол во Киево-Печерската Лавра, но потоа, поради скоро стогодишното прогонство во тогашниот СССР, тој се вратил во родното село (од 1925 г. веќе град), Макеевка.

 

До крајот на својот живот немал сопствен дом. И покрај заканите со казни, многу семејства му пружиле дом. Кога регрутираните војници заминувале на фронт, дури и неверниците, тие задолжително оделе по благослов кај Илија. А оние што останале зад фронтот ги спасувал од глад – и секогаш давал точни упатства каде и што да се сади и каква реколта ќе биде најдобра во текот на годината. Од утро до вечер кај него доаѓале луѓе од целиот СССР. Старецот исцелувал дури и безнадежно болни. Најпозната случка е онаа со генералот од Хабаровск, кој ја одвел кај него својата 16-годишна ќерка, речиси целосно парализирана. Старецот го оставил девојчето кај себе, а по еден месец таа проодела. Схимонах Илија ја претскажал својата смрт, а исто така и изградбата на храмот, каде што се изврши неговото прославување.

 

Свечената служба се одржа во Свето-Георгиевскиот соборен храм во градот Макеевка. Таму се пренесени неговите мошти, кои се чуваа во Светогорската лавра "Св. Успение Богородично". Напишани се тропар, кондак и служба на преподобен Илија.

 

Податоци: За схимонах Илија многу малку се знаело кога бил жив. Дури во последниве години некои се потрудиле да најдат податоци за него. Така се утврди дека во архивата на Градскиот совет во Макеевка стои запишано: "Илья Яковлевич Ганжа, русский, умер 17 апреля 1946 г., в возрасте 109 лет. Проживал по адресу: г. Макеевка, Старо-Рабочий городок, ул. Маяковского, 34. Заявитель о смерти — Галина Васильевна Ванявкина, проживающая по тому же адресу." Последните денови старецот навистина ги поминал во домот на благочестивата старица Текла (Фьокла), чија ќерка Галина ја известила општината за неговата смрт. Се знаело дека се  претставил во Господа на Велика Среда, а во 1946 г. Таа година Велигден бил на 21 април. Така бил пресметан и датумот на неговото упокојување, уште пред наоѓањето на записот во градскиот совет на Макеевка. А од податокот дека се упокоил на 109 год. возраст, утврдена е и годината на неговото раѓање - 1837.

 

Извор: Двери