Неверојатниот живот на Клаус Кенет (29.09.2012 11:48)
Клаус Кенет е Божји дар на Црквата, Православната Црква, кон која се свртел после децении духовно лутање, откако го запознал Старец Софрониј од Есекс (човекот кој го опишува како „воплотување на љубовта“), што довело до негово крштение во 1986 г.
Неговиот живот, како што самиот вели, бил преполн со инциденти и авантури. На 12 години бил водач на банди, терорист на 22 и наркоман на свои 25 години. Бил будистички монах, хиндуистички мистик и окултист во Централна Америка. Се познавал со Андреас Бандера и мајка Тереза. Тој поминал толку екстремни патишта во својот живот.
Роден е во 1945 г. во Германија. Неговата мајка го „дала“ кај некој зол свештеник кога имал 15 години. Тој ја опишува ситуацијата: „Бев бесен на неа, бидејќи мојата мајка немаше љубов“ (откако се воцрковил ѝ простил). За себе вели: „Никогаш немав семејство, дури и денес не знам што значи да се има семејство“.
Целиот бес во тинејџерските години го исфрлувал преку бандите. „Јас патев... Знаев дека правам лоши работи... Секој беше непријател... Затоа што немаше љубов“. „Навистина верувавме дека можеме да го смениме светот. Мислевме дека тоа можеме да го направиме преку дрогите и блудот. Меѓутоа завршивме во страстите наместо во слободата... Наскоро открив дека насилството не е мојот пат“.
Почнал да експериментира со трансценденталната медитација. „Бев искрен трагач“, раскажува тој, „иако изгледаше како да сум духовен турист, полуден германец кој оди од една источна религија во друга“. Исламот не го привлекол, но седум гоини поминал во хиндуизмот, а потоа бил будист. „Јас живеев во пеколот, и не сакам да се вратам назад“.
Кога станува збор за него, мистиците ќе речат дека го пронашол Бога, психолозите - дека го затворил кругот, но неговиот живот е ист без разлика како ќе го раскажете: човекот кој пораснал без љубов, ладно и со малтретирања, кој живеел во пеколот, како што самиот вели, со години го барал внатрешниот мир, кој конечно го пронашол. Тоа е потрагата за љубов, како што тој повторува, потрагата за пријателство, кое, без сомнеж, го нашол кај отец Софрониј.
На прашањата: „Зошто едноставно не си го прифатил својот живот како таков, зошто во него си внел религија, зошто едноставно не си ја прифатил човековата природа и зошто не си рекол – тоа е животот?“, тој одговара, „Затоа што чувствуваш дека тоа не е живот. Тоа е погрешен живот. Тоа општеството го нарекува живот. Но длабоко во своето срце, кога после сите глупости ќе отидев во кревет, чувстуав дека сум сам – и тоа не е живот“.
Извор: Светигора