„Со имитирањето на Западот Русија би била осудена на заостанување“ (30.09.2012 16:41)
Слепото имитирање на Западот ќе ја осуди Русија на вечно заостанување, смета Патријархот Московски и на цела Русија Кирил.
„Кога ни зборуваат за европскиот пат на развој, како по правило, целат на имитирање и репродукција на западните политички и културни модели. Копијата секогаш е полоша од оригиналот, бидејќи во неа го нема изворниот принцип на автентичното авторство“, рече Патријархот, во петокот на меѓународната научна конференција посветена на историјата на Русија, одржана на Московскиот државен универзитет.
Според неговите зборови, оној кој копира, се става себеси во потчинет однос кон авторот на оригиналот.
„Затоа, ако ја градиме цивилизацијата на основа на имитација, во развојот секогаш ќе бидеме зад оние кои го создале оригиналот. Опасно е да се биде воден од другиот, дури и за возрасните“, истакна Патријархот.
Тој потсети дека руската историја повеќе пати поминувала низ „безумното, понекогаш агресивно западно влијание“. Според мислењето на Патријархот, вистинскиот европски пат подразбира „не имитирање на другиот, туку запознавање на сопствените корени и враќање кон нив во рамките на конкретни културни и историски околности“.
Тој укажа на тоа дека темелот на европската цивилизација, на која припаѓа и Русија, е основан врз два аголни камења: грчко-римската традиција и Библиското Откровение.
Патријархот кажа дека Православието и образованието кое се распространило преку него, ја вклучило Русија во културната традиција на Римската империја.
„Како наследници на Византија, ние, истовремено, со векови сме се труделе да го зачуваме словенскиот идентитет. Цивилизацијата, чии темели се основани со трудот и генијалноста на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, и денес е плодна, и е дел од европското културно и интелектуално наследство, со своето православно духовништво и словенскиот поглед на светот“, додаде Патријархот.
Извор: Светигора