Нов Патријарх на Коптската црква (13.11.2012 11:07)
На 4-ти ноември 2012 год., беше избран новиот патријарх на Коптската црква во Египет, известува Amen.gr. Тоа е 60-годишниот епископ Теодор, викарен епископ на митрополитот на Бехеира Пахомиј. Тој е 118 патријарх на Коптската црква и беше избран со ждрепка, неговото име беше извлечено од трите кандидати. Новиот патријарх ќе го наследи покојниот Шенуда III, кој се упокои во март оваа година, по 40-годишно раководење со црквата.
Последната фаза од изборната постапка, усвоена во текот на 1957 година предвидува дете на возраст од 5 до 8 години, со врзани очи да извлече едно од трите ливчиња на кои се напишани имињата на кандидатите со најголем број на гласови собрани во претходните фази.
Трите кандидати беа одредени на 29 октомври со гласање на 2.500 членови на Коптската црква, клирици и мирјани. Најмногу гласови собраа (по ред според бројот на гласовите) 54-годишниот епископ на Каиро, Рафаил, викарниот епископ на Бехеира, Теодор и 70-годишниот монах Рафаил од манастирот „Св. Мина“.
Коптскиот патријарх Теодор II, како што ќе му гласи титулата, е роден на 4 ноември 1952 год. (на истиот ден по 60 години е избран за Коптски патријарх!). Завршил фармација на Коптскиот универзитет во 1975 година и работел во државната фармацевтска служба во Египет, дури и раководел со фармацевтско претпријатие до 1986 година, пред да стане монах во Нитријската пустина. Во 1989 е ракоположен за свештеник а потоа и за епископ (на 15 јуни 1997 година). Богословско училиште завршил во манастирот во кој бил. Се смета за голем поддржувач на идејата за обединување со источноправославната Александриска патријаршија. И нејзиниот патријарх се вика исто така Теодор II.
Коптите сметаат дека изборот на детето претставува израз на Божјата волја. На извлекувањето ждрепка претходеше многучасовна Литургија во соборниот храм „Св. Марко“ во Каиро со учество на сите ерарси на Коптската црква.
Интронизацијата на новиот патријарх ќе биде на 18 ноември, две недели по изборот.
Извор: Двери