Послание на Александрискиот Патријарх Теодор II по повод Рождеството Христово
 
 
 
 
 

Послание на Александрискиот Патријарх Теодор II по повод Рождеството Христово (07.01.2013 12:59)

Александрискиот и на цела Африка Патријарх Теодор II, во своето послание по повод Рождеството Христово, ги повика христијаните на дела на гостопримство, не само како укажување на помош на оние кои имаат потреба во овие денови, но како безрезервно примање на другиот:

 

„Пред две илјади години Бог го откри Своето бескрајно милосрдие кон човекот: „Бог толку го возљуби светот, што Го испрати Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 16). Синот и Словото Божјо се понизи Себеси, прими образ на слуга. Се роди како Човек и се смири како Човек. Ја прими човековата природа и покрај нејзината поинаквост. Стана Оној, преку Кого човечкиот род повторно се соедини со Бога. Примањето на човекот од Бога во лицето на Исус Христос стана образ за гостопримство во нашите односи со другите луѓе. Таа љубов кон другиот (φιλοξενία, букв. "љубов кон другиот", "гостопримство") означува да се понижиме себеси (κένωσις, кеносис) и да ги примаме другите без услови. Тоа гостопримство не се ограничува само на членовите на нашата заедница. Вочовечениот Исус нѐ повикува да ги сакаме дури и нашите непријатели и да се молиме за нив.

Мили браќа, примерот на Исус Христос, Којшто ги прегрна тие што беа презрени, Којшто покажа гостопримство кон туѓинците и ги прими другите, нека стане извор на вдахновение за нашето социјално поведение кон оние што имаат потреба од гостопримство. Тоа е едно откривање кон ближниот, засновано на почитување на вредноста на сите луѓе без разлика. Откривање, засновано на непоколеблива вера дека Бог секојдневно нѐ среќава во нашата врска на љубов и мир со ближните, со непознатите за нас луѓе, со бедните и измачените, но и со оние наши ближни коишто национално, културно и религиозно се разликуваат од нас. Примањето на другиот е доказ за вистинско гостопримство. Примањето на другиот е остварување на заповедта „сакајте го ближниот како себеси“. Примањето на другиот може да го промени, но може да нѐ промени и нас. Тоа е посланието што ви го испраќам од Африка, земјата каде што Бог ни зборува преку другите, за да нѐ поучи и нѐ преобрази, земјата, каде што Бог нѐ користи нас, за да ги преобразиме другите.

 

 

За многу години!

 

Патријарх на Александрија и цела Африка

Теодор II