Послание на Вселенскиот патријарх Вартоломеј по повод Рождеството Христово
 
 
 
 
 

Послание на Вселенскиот патријарх Вартоломеј по повод Рождеството Христово (10.01.2013 13:14)

Вселенскиот и Цариградски Патријарх Вартоломеј во своето послание по повод Рождеството Христово ја најави 2013 година за Година на општочовечка помош. Обраќајќи се кон својата паства во целиот свет, тој изјави:

 

„Со радост да го празнуваме слегувањето на неописливиот Бог. Ангелите први Го навестија, пеејќи: „Слава на Бога во височините, и на земјата мир, мегу луѓето добра волја“. На земјата гледаме и преживуваме војни и воени закани, но тоа не е причина за отфрлање на радосната вест. Навистина, мирот слезе на земјата преку помирувањето на човекот и Бог во лицето на Исус Христос. За жал, ние луѓето не се помиривме помеѓу нас. И покрај тоа што таква е Неговата света волја, непријателски сме настроени едни кон други. Со фанатизам ги исповедаме религиозните и политички убедувања, неумерени сме во придобивањето на блага, во стремежот за придобивање на сѐ поголема политичка власт. И заради тоа влегуваме во конфликт со ближните.

 

Римскиот император св. Константин Велики преку својот Милански едикт, издаден во 313 година, дозволи слободно исповедање на христијанската вера, во исто време со другите религии. За жал, со текот на времето, точно илјада и седумстотини години после тоа, продолжуваат гонењата против христијаните или други христијански конфесии. Заедно со тоа и економските недоразбирања добиваат сѐ подлабоки корени во светот, и стремежот кон брза заработувачка станува главна цел. Не се обрнува внимание на тажните последици од големото количество на богатство во рацете на малку луѓе и економската изнемоштеност на големи човечки маси. Овој дебаланс, којшто денес се нарекува економска криза, во суштина е последица од морална криза. За жал, човештвото не го дава неопходното значење на таа морална криза. За да се оправда таа позиција, тие се повикуваат на слободата на трговијата. Слободата на трговијата не го прави престапот дозволен. Но погрешното однесување не е само во тоа што е запишано во казнените кодекси. Дури е и во тоа, коешто макар и да не се предвидува во законските одредби, води до присвојување на туѓото богатство на различни начини. Бидејќи не се почитува законот, протестите на граѓаните се шират и причинуваат големо нарушување на општествениот мир.

 

И така, набљудувајќи ги од нашата Вселенска Патријаршија „знаците на времето“, според кои насекаде „се слуша“ и насекаде има „војни и безредија“ и народ се крева против народ и царство против царство, големи земјотреси има по целата земја, и големи знаци на небото (вид. Лука 21:10-12), ја објавуваме од Светиот трон, којшто е центар на Православието, годината што доаѓа, за Година на меѓусебната помош. Се надеваме дека на големиот проблем со сиромаштијата ќе одговорат многу срца за олеснување на ситуацијата на гладните и несреќните. Како духовен црковен водач повикувам за помош од сите добронамерни луѓе и власти, за да се пројави Божјиот мир на земјата – мир, кој што го навестија ангелите и Го донесе Младеноцот Исус.

 

Се надеваме и од срце се молиме наредната 2013 година, за сите да биде година на општочовечка помош, слобода, помирување, добра волја, мир и Родениот во пештерата предвечен Логос на Отецот, Кој ги обединува ангелите и луѓето, Кој донесе мир на земјата, на сите да им подари трпение, надеж и сила, и да го благослови светот преку Божествените дарови на Својата љубов. Амин.

 

Фенер, Рождество Христово 2012 г.

+ Константинополски Патријарх Вартоломеј