Романскиот Патријарх ја прогласи 2013 г. за „Година на светите Константин и Елена“ (10.01.2013 13:20)
Романската Патријаршија ја прогласи 2013 година за „Година на светите Константин и Елена“, по повод 1700-годишнината од издавањето на Миланскиот едикт во 313 година. Синодалното решение беше прочитано од Патријархот Даниил за време на Литургијата во соборниот храм во Букурешт, во првиот ден од новата година. Според Патријархот оваа година е важна затоа што Едиктот ги променил Европа и светот, а свети Константин Велики за тоа дело бил вдахновен од Бога. На тој начин тој им дал слобода на христијаните да ја исповедаат својата вера, со што на гонењата им дошол крајот. 313 година е важна година во историјата на Црквата, се вели во решението, затоа што во претходните 300 години христијаните биле прогонувани заради тоа што не се поклонувале на императорите и грчко-римските божества. „Многу од нив биле убиени, епископи и свештеници биле затворани, мачени и убивани. Календарот ни е полн со имиња на маченици, кои пострадале од гонењата на неколку римски императори“. Јубилејната година ќе започне со споменот на свети Константин и мајка му света Елена, затоа што „тие биле не само добри христијани, туку и се застапувале за човечкото достоинство. Светиот император Константин издал закони со коишто се сменило јазичничкото (паганско) римско право. Се забранило распнувањето на крст, кршењето нозе и горењето со вжештено железо“, се вели во посланието.
Во соборната патријаршиска црква на Светите Константин и Елена во Букурешт е подарена голема икона на светите Константин и Елена со житијни сцени околу нив, која ќе биде изложена за поклонение на верните во текот на целата година. Во јубилејната година во епархиите на Романската Црква, во црковните установи и другите црковни институции ќе се одржат голем број настани, кои ќе одговорат на различни прашања од животот и дејноста на свети Константин Велики и местото на Миланскиот едикт во историјата на Европа.
Во последните години Ромаската Православна Црква секоја година по ред ја посветува на определена христијанска добродетел, црковна личност или годишнина.
Извор: Двери.бг