Завршија црковните свечености во Грузија
 
 
 
 
 

Завршија црковните свечености во Грузија (15.01.2013 11:37)

Денес завршија свеченостите во Грузија, посветени на 80-годишнината на Грузискиот Патријарх Илија и 35-годишнината од неговото востоличување на патријаршискиот престол. Најголемата свеченост беше во недела во катедралниот храм во Тбилиси посветен на Света Троица, каде што беше отслужена патријаршиска Света Литургија, возглавена од Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во сослужение на Грузискиот Патријарх Илија, Српскиот Патријарх Иринеј, заменикот-претседател на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква Кирил, Митрополитот на Чешка и Словачка Христофор, претставници на сите помесни Православни Цркви. Руската Црква ја претставуваше на свеченостите Волоколамскиот Митрополит Иларион (Алфеев).

Претседателот на Грузија Михаил Саакашвили го прими во својата резиденција Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, Српскиот патријарх Иринеј, заменикот-претседател на Светиот Синод на Бугарската Црква Кирил и домаќинот Грузискиот Патријарх Илија II. Грузискиот претседател заблагодари на Вселенскиот патријарх и на другите поглавари за тоа што ги уважуваат црковните свечености во земјата. Тие имаа средби и со други официјални лица. На 13 вечерта во патријаршиската резиденција беше организиран и новогодишен прием по повод т.н. „стара Нова Година“, којашто се празнува во Русија, Украина, Грузија и во други земји.

Извор: Двери.бг