180 години од успението на свети Серафим Саровски (16.01.2013 14:25)
Оваа година се навршуваат 180 години од претставувањето пред Господа на преподобниот Серафим Саровски. На 15-ти јануари во Дивеевскиот манастир „Св.Троица“, кој е основан од страна на свети Серафим, започна торжествено да се слави годишнината. Многу руски митрополити и епископи зедоа учество на Божествената Литургија, на којашто чиноначалствуваше Чебоксарскиот Митрополит Варнава, а пред моштите на преподобниот молебен отслужи Нижгородскиот Митрополит Георгиј.
„Св. Серафим Саровски влезе во животот на секој човек“ – рече во своето слово Нижгородскиот Митрополит. „Тоа што ја имаме можноста да се молиме пред неговите свети мошти, за себеси и за нашата нижгородска земја, за нашата татковина и народ, за да ни бидат мирни животите и да не ни се намали радоста и благочестието – е голема радост“. Митрополитот спомна дека оваа година се навршуваат 110 години од прославувањето на преподобен Серафим. Тој е канонизиран за светител во 1903 год. На торжеството по повод неговата канонизација тогаш беа присутни околу 300.000 верници, меѓу кои беше и императорот Николај II со своето семејство.
„Свети Серафим е пример за тоа како треба да ѝ се служи на татковината, пример за простување на сите, пример за внимателно однесување кон секој човек, пример за љубов кон ближниот. Ние сме најсреќните луѓе на светот, бидејќи тука во нижгородската земја се моштите на преподобен Серафим Саровски, кај кого доаѓаат луѓе од целиот свет“, рече гувернерот на областа Валериј Шанцев.
На богослужението присуствуваа монаси и монахињи од целата нижгородска област, официјални лица како и верници од Русија и другите земји.
Преп. Серафим Саровски (1754/59 – 1833) е еден од најпочитуваните светители во целиот православен свет. Позната е неговара фраза, со којашто се обраќал на секој посетител, „Радост моја“, како и со пасхалниот поздрав „Христос воскресна!“, којшто го користел во текот на целата година.
Извор: Двери.бг